Македонија
Алијанса за Албанците формира Привремен координациски совет за да нема конфузии во јавноста
Алијанса за Албанците формира Привремен координациски совет за да нема конфузии во јавноста по, како што велат, едностраните дејствија на претседателот на партијата, Арбен Таравари. Од таму велат дека одлучено е да се формира нов претставнички тим кој официјално ќе ја претставува Алијансата за Албанците во сите структури и процеси на одлучување во коалицијата „Влен“.
„Во контекст на последните случувања во партијата, чувствуваме обврска да ја информираме јавноста и членството на Алијансата за Албанците во врска со ситуацијата која настана како резултат на едностраните дејствија на претседателот на партијата, Арбен Таравари. Овие повторувани постапки, кои се преземени надвор од статутарната рамка на партијата и без консултација со надлежните органи, предизвикаа голема конфузија , не само меѓу мнозинството членови на Алијансата за Албанците, туку и во пошироката јавност“, велат од АА.
Соочени со ова наметната ситуација, додаваат од партијата, и со цел да се обезбеди демократско и статутарно функционирање на партијата, огромното мнозинство на членството и ограноците на Алијансата за Албанците, на состанокот одржан вчера, донесоа одлука за формирање на Привремен Координациски Совет, кој ќе дејствува сè до разјаснување и стабилизирање на актуелната состојба во партијата.
„На овој состанок, Координацискиот Совет ги донесе следните важни одлуки:
1. Избор на координатор на советот
За координатор на Координацискиот Совет е избран г. Арбен Фетаи, Претседател на Собранието на Алијансата за Албанците.
2. Став по однос на коалицијата „Влен“
Алијансата за Албанците ќе продолжи да биде дел од Владата во рамките на коалицијата „Влен“ како рамноправен партнер со пропорционално претставување во однос на другите партии во коалицијата.
3. Претставување во рамките на коалицијата „Влен“
Одлучено е да се формира нов претставнички тим кој официјално ќе ја претставува Алијансата за Албанците во сите структури и процеси на одлучување во коалицијата „Влен““, се наведува во соопштението.
Од Алијансата велат дека овие мерки се преземени со цел зачувување на интегритетот на партијата, почитување на волјата на мнозинството и обезбедување на демократско и транспарентно функционирање на Алијансата за Албанците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.
Македонија
Делови од Центар и Зелениково денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на затварач од ф – 100 мм на ул. 5 бр. 47 во село Моране, во периодот од 08.30 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од село Моране, општина Зелениково.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека поради уличен дефект на ул. Васил Ѓорѓов б.б – пред ОУ Киро Глигоров, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улиците Васил Ѓорѓов, Адам Мицкиевиќ, дел од корисниците од улиците Киро Глигоров и Козара, како и објектот на заводот за физикална медицина и рехабилитација, општина Центар.

