Македонија
Анализа: Дваесет и тројца министри користат „Фејсбук“, а 14 се активни на „Твитер“ и „Инстаграм“
Дваесет и тројца од 26 министри во Владата на Република Македонија активно користат „Фејсбук“, покажа втората годишна анализа направена во периодот од 23 до 28 јули 2018 година. Споредено со минатата година, ова претставува зголемување за 3 на бројот на министри кои се активни на оваа мрежа.
Анализата и оваа година покажува дека поголемиот број на членовите на владиниот кабинет и нивните тимови секојдневно објавуваат содржини за своите активности на „Фејсбук“и имаат отворени профили или страници на кои можат граѓаните да им пишат јавно или, пак, во приватна порака. Повеќе од половината од министрите имаат истовремено свој профил, но и страна на овој социјален медиум.
Бројката останува непроменета и оваа година, односно премиерот Зоран Заев и уште 4 министри имаат верификувани страни – потврда од „Фејсбук“ дека таа страница е на автентична личност.
Зголемување е забележано кај „Твитер“, кого годинава го користат 14 членови на Владата, а исто толку се присутни и на „Инстаграм“. Анализата од минатата година покажа дека во 2017 година „Твитер“ користеа 8 министри, додека вкупно 10 беа активни и на „Инстаграм“.
Премиерот Заев и 10 други министри се активни и имаат свои профили/страни истовремено на „Фејсбук“, „Твитер“ и „Инстаграм“, што претставува зголемување за 4 споредено со минатата година.
Само двајца членови на Владата, вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот Роберт Поповски, воопшто немаат свои профили/страници на овие социјални медиуми. Ова е подобрување споредено со 2017 година кога дури 6 министри не биле активни на ниту еден социјален медиум.
„Сите министри е важно да бидат присутни со свои страници или канали на социјалните медиуми, а со цел непосредна и двонасочна комуникација со граѓаните. Во анализата и оваа година е наведено дека објавите, коментарите и одговорите на прашањата не е потребно директно да ги врши министерот, туку тоа може да го прават нивните онлајн тимови, по претходна добиена согласност во име на министерот/ката“, вели Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми, кој истовремено е и автор на истражувањето.
Еден од заклучоците во оваа Анализа е дека позитивно е што расте бројот на активни членови на Владата на „Твитер“ и „Инстаграм“, а не само на најпопуларната мрежа – „Фејсбук“. Но, со цел вклучување на сите целни групи и целокупната јавност во комуникациската стратегија на Владата, потребно е сите министри да имаат свои активни страници/канали на социјалните медиуми.
„За поздравување е податокот дека е прифатена сугестијата од минатогодишната анализа и на веб-страната на Владата на видливо место е поставен дел со контакти од страниците или каналите на социјалните медиуми на членовите на владиниот кабинет. Со ова, граѓаните можат од едно место директно да се обратат до секој од министрите, да дадат своја иницијатива, но и постават прашање на кое ќе добијат одговор“, посочи Кордалов.
Динамиката на објави е потребно да биде секојдневна, и тоа со најмалку 2-3 објави дневно на сите социјални медиуми. Според Кордалов, на овој начин Владата дополнително ќе ја покаже својата заложба за отчетност и транспарентност, а секој заинтересиран граѓанин кој е активен онлајн ќе има можност да биде запознаен со активностите на министерот/ката, ставовите и иницијативите, како и да има можност да даде свој став, мислење или, пак, да изрази поддршка/критика или да даде свој предлог.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

