Македонија
Анализа: Пандемијата се одрази на работењето на телевизиите и радијата, но индустријата полека закрепнува
За да се утврдат состојбите на пазарот на аудио и аудиовизуелната медиумска индустрија за претходната година, Агенцијата изработи Анализа на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги 2021 година.
При изработката на Анализата, за економското работење на радиодифузерите се користени податоците што тие самите ги доставија во Агенцијата, како и податоците од нивните завршни сметки, а за работењето на јавниот сервис се користеа и податоци од „Финансискиот извештај за реализација на финансискиот план на ЈРП Македонска радио телевизија за 2021 година“.
Анализата покажа дека пандемијата со вирусот Ковид-19, се одрази на работењето на телевизиите и радијата, но и дека индустријата полека закрепнува. Комерцијалните радиодифузери во 2021 година прикажале повисоки приходи во споредба со претходната година, за разлика од јавниот радиодифузен сервис кој располагал со помалку средства во споредба со 2020 година.
„Вкупните приходи во индустријата во 2021 година изнесувале 2,644.83 милиони денари, што е највисок износ на вкупни приходи во последните пет години. Сепак, не може да се зборува за некаков раст на пазарот, бидејќи зголемувањето на приходите се должи на финансиската помош за справување со последиците од пандемијата со вирусот КОВИД-19 што државата ја издвои за комерцијалните медиуми и на платено политичко рекламирање (ППР) за време на локалните избори. Без изборите, приходите од рекламирање во 2021 година не ги достигнуваат оние од пред пандемијата“, велат од Агенцијата.
Најголем дел од приходите од рекламирање оствариле комерцијалните телевизии – 87 отсто, а 10 отсто комерцијалните радиостаници. Уделот на МРТ во приходите од реклами изнесува само 3 отсто.
Вкупните трошоци во индустријата изнесувале 2,571.19 милиони денари. Од нив, 56 отсто се трошоци на комерцијалните телевизии, 38 проценти на јавниот сервис и 6 проценти на комерцијалните радиостаници. Во споредба со минатата година, повеќе средства потрошиле и комерцијалните радиодифузери и јавниот сервис.
Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2021 година е достапна на линкот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

