Македонија
Ангелов: На погребот во Кочани ќе бидат само најблиските, ужалените грѓани ги молам да не влегуваат внатре
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојнче Ангелов, ги замоли ужалежните граѓани да не влегуваат на гробиштата на денешната погребна церемонија, туку тоа да го напрват отпосле.
Ангелов упати молба денес јавноста да ги остави ужалените родители и нивните најблиски, последен пат, во тишина и плач, да си ги видат своите настрадани чеда и да им оддадат почит, да постојат до нив пред да бидат положени во гроб.
„Да го оставиме Синодот на МПЦ, предводен од Неговото Блаженство, г.г. Стефан, поглавар на МПЦ-ОА, на гробиштата во Кочани, како и свештениците во другите градови и села, непречено да ја одржат погребната церемонија. Сите ние сме тажни и сочувствуваме со семејствата на настраданите. Но, ги замолувам граѓаните, кои денес во Кочани ќе им оддадат почит на настраданите, да не ја попречуваат погребната церемонија. Невозможно е, нехумано и непотребно сите во исто време да пријдат околу телата на починатите. На родителите им треба утеха од најблиските, кои претходно ќе влезат со нив“, повика Ангелов.
Тој рече дека поради конфигурацијата на теренот на градските гробишта во Кочани, невозможно е безбедно влегување поголем број на луѓе внатре во гробиштата.
На влезната капија на гробиштата ќе стојат свештеници од Кочани, кои ќе ги пропуштат родителите со најблиските.
„Ги замолувам другите ужалени граѓани да останат надвор од портите на гробиштата. Достоинствено, без туркање и загрозување на својата и безбедноста на присутните да им оддадат почит на настраданите“, се вели во неговата молба.
По завршувањето на погребната церемонија, но и следните денови, како што додаде, сите ужалени граѓани, постепено, еден по еден, ќе може да отидат до вечните почивалишта на настраданите, да се помолат за нивните души, да положат цвеќе, да запалат свеќа.
На и околу местата на погребите ќе бидат распоредени поголем број лекарски тимови и вода за пиење.
Ангелов упати најдлабоко сочувство до сите семејства, кои ги загубија своите деца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Годинава стартуваме нови проекти со пензионерите, „Носталгија за корзо“, екскурзии, едукативни работилници и Спортски игри 2026
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска во просториите на Здружението на пензионери на Општина Центар присуствуваше на одбележувањето на 72 години од постоењето на организацијата.
Пензионерите му врачија благодарница на градоначалникот за одличната соработка и партнерскиот однос со Општина Центар.
„Чест е да се добие вакво признание токму од првото здружение на пензионери формирано во Македонија. Навистина соработката е одлична. Годинава ни претстојат заеднички активности со здружението на пензионери на Општина Центар, меѓу кои: „Носталгија за корзо-сеќавање на едно убаво време“, екскурзии низ Македонија, едукативно-креативни работилници за домаќинство, Пензионерски спортски игри, а во план е и изградба на Дом за стари лица“, истакна Герасимовски.
Дополнително, како што е соопштено од неговиот кабинет, локалната самоуправа реализира низа успешни и популарни проекти наменети за сениорите, како што се „Центар се грижи за возрасните“, „Итно копче“, бесплатен превоз до здравствените установи, како и еднократна парична помош, која годинава е зголемена на 5.000 денари.
„Општина Центар останува партнер на Здружението и продолжува да поддржува активно стареење и вклученост на повозрасните граѓани во политиките на локалната самоуправа и во животот на заедницата“.
Македонија
Почна реконструкцијата на улицата „Перо Наков“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска официјално го означија почетокот на целосната реконструкција на улицата „Перо Наков“.
„После речиси три децении запоставеност, започнуваме со целосна реконструкција на улицата „Перо Наков“. Денес, заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, ја започнавме целосната реконструкција на оваа значајна сообраќајна артерија, која секојдневно ја користат илјадници жители. Станува збор за улица од исклучително значење за локалното население и за целата општина, која со години беше во катастрофална состојба и претставуваше вистински предизвик за безбедно и нормално движење“, рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека реконструкцијата опфаќа изградба на нови тротоари од двете страни на улицата, доизградба на атмосферската канализација, поставување нов асфалт, современо осветлување и подземно поставување на операторските мрежи.
Македонија
Од денес извод на родени, починати, венчани или потврда за слободна брачна состојба се вадат со неколку клика
За извод од матична книга на родени, починати, венчани или потврда за слободна брачна состојба граѓаните од денес не мораат воопшто да се појават на шалтер на Управата за водење матични книги. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски извести дека постапката за овие документи е целосно дигитализирана.
„Што се однесува до услугите од Управата за водење матични книги од денес и тие се целосно мигрирани на националниот портал uslugi.gov.mk што ќе го забрза нивното користење и се целосно дигитални, за разлика од претходно. Тоа значи дека извод од матична книга на родени, од матична книга на венчани, умрени и новата услуга потврда за слободна брачна состојба од денеска се целосно достапни на порталот и со неколку клика граѓаните можат да ги добијат и тие услуги. Тоа ќе значи поголема ефикасност на Управата за водење матични книги и поголема контрола од нас како ресорно Министерство на темпото на издавање на овие документи“, рече министерот Андоновски.
Тој заедно со директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, денес промовираше четири нови услуги на порталот uslugi.gov.mk. За правните лица, за првпат е овозможена електронска услуга за издавање потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување, целосно дигитална и достапна во секое време. Физичките лица, пак, електорнски можат да извадат потврда за пријави и одјави во задолжително здравствено осигурување, потврда за осигурено или неосигурено лице и платен придонес и потврда за исплатен надоместок за плата за време на привремена спреченост од работа.

