Македонија
(Видео) Ангелов објави ново видео: Мечка и две мечиња за малку ќе настрадаа кај Маврови Анови
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, објави видео од мечка со две мечиња за кои вели дека за малку ќе настрадале на патот од Маврови Анови кон Дебар.
„Синоќа, за малку ќе настрадаа мечка и две мечиња додека се движеа по магистралниот пат од Маврови Анови кон Дебар. Нештата изгледаат поинаку додека ги гледаме од безбедно на нашиот мобилен телефон. Блиските средби изгледале сосем поинаку. Барем така тврдат жителите на овие села, а јас немам причина да не се согласам со нив“, напиша Ангелов на социјалните мрежи.
Ангелов и пред два дена објави видео од мечка во селото Жировница.
„Вечерва низ тесните улички на селото Жировница… Проблемите и опасностите секогаш изгледаат поедноставно кога се гледаат од безбедна далечина на ТВ, лаптоп или мобилен телефон“, напиша Ангелов во описот на видеото, на кое се слуша како мештаните со викање се обидуваат да го оддалечат животното од селото.
Деновиве, Општина Маврово и Ростуше поднесе барање до Владата за прогласување кризна состојба поради големиот број мечки, кои, како што наведуваат од Општината, претставуваат опасност за животот и имотот на жителите.
Владата потоа го разгледа записникот од седницата на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот на управување со кризи. Отстрел на заштитената кафеава мечка ќе нема. Се наведува дека во најкраток временски период треба да бидат отстранети сите помали и поголеми ѓубришта што се во непосредна близина на населените места, кои претставуваат извор на привлекување на мечката; затворање со соодветна безбедносна метална ограда на сите места за одлагање комунален отпад; обезбедување посебни хранилишта за мечки надвор од населени места; обезбедување на имотите, особено на местата каде што се чува добиток, пчели и друго, со стандардизирана опрема со електричен напон; успивање и дислоцирање мечки, во соработка со државни органи и научни институции; употреба превентивни средства за заплашување и одвраќање, како и организирана употреба на средства за заплашување на мечките.
Кафеавата мечка во Македонија е забранета за лов и спаѓа во строго заштитен вид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Oбединетата македонска дијаспора: Инаугурацијата на Силјановска е историска
Организацијата Обединета Македонска Дијаспора (ОМД), и честита на професорката Гордана Силјановска Давкова за нејзината значајна инаугурација како прва жена претседател на Македонија.
„Претседателката Силјановска Давкова на историската церемонија го реафирмираше уставното име на нашата Македонија, потврдувајќи го основното право на Македонците на самоопределување. ОМД ја поздравува нејзината непоколеблива заложба за зачувување на нашиот национален идентитет и суверенитет, чувство што се повторува во нејзините обемни придонеси, вклучително и основниот труд „За „Договорот од Преспа“ и понатаму“, објавен од ОМД во октомври 2018 година, достапен на нашата веб-страница со кликнување овде.
Во оваа значајна пригода, додека го славиме Денот на мајката, ОМД упатува срдечни честитки не само до претседателката Силјановска Давкова, туку и до сите извонредни мајки ширум светот. Денешниот ден симболизира не само триумф на родовата еднаквост, туку и доказ за силата и издржливоста на жените лидери насекаде.
Историската победа на претседателката Силјановска Давкова означува ново поглавје во патувањето на Македонија, влевајќи надеж и оптимизам за посветла иднина. ОМД со нетрпение очекува да соработува со нејзината администрација за зајакнување на врските меѓу македонската дијаспора и нашата татковина, поттикнувајќи просперитет и напредок за генерациите што доаѓаат.
Додека ја славиме оваа значајна пригода, да ја потврдиме нашата посветеност на единството, напредокот и трајниот дух на македонскиот народ“, се наведува во реакцијата.
Обединета македонска дијаспора (ОМД) е водечка меѓународна невладина организација која се занимава со интересите и потребите на Македонците и македонските заедници ширум светот. ОМД работи на промовирање на кохезивна глобална македонска заедница.
Македонија
Бугарскиот претседател и премиерот: Не прифаќаме изјави од Северна Македонија што се во спротивност со меѓународните договори
Бугарија не прифаќа изјави и однесувања што се во спротивност со договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, како и со другите меѓународни договори што ги има потпишано Северна Македонија. Бугарија постојано и јасно го кажува својот став дека договорите мора да се реализираат, наведува во својот став бугарскиот претседател, Румен Радев.
„Европската перспектива на Северна Македонија зависи од строгото спроведување на меѓународните договори во кои таа е страна, како и од преговарачката рамка одобрена од Европскиот совет во јули 2022 година, која нема да се ревидира“, нагласува шефот на бугарската држава.
Реагира и премиерот Димитар Главчев.
„По повод церемонијата на инаугурацијата на новиот претседател на Република Северна Македонија, Бугарија не прифаќа изјави и однесување што се во спротивност и со договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година и во принцип со договорите меѓу Европската Унија и Република Северна Македонија“, се наведува во реакцијата, пренесе „БНР.бг“.
Главчев додава и дека Северна Македонија е земја членка на НАТО, од која произлегуваат соодветните обврски и одговорности.
Новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова вчера предизвика остра реакција и предупредувања од Грција и ЕУ кога при полагањето заклетва како шеф на државата изјави дека ќе го почитува Уставот и ќе ја брани независноста на Македонија користејќи го името што го имаше земјата пред договорот од Преспа со Грција во 2018 година, потсетуваат бугарските медуими.
Македонија
МНР повика на внимателност од државните функционери: Со Грција развивме политички дијалог на високо ниво
Министерството за надворешни работи објави дека ја потврдува цврстата определба на земјата кон недвојбено почитување на уставните одредби, како и сите меѓународно преземени обврски, како што е целосното почитување на договорот за стратешко партнерство меѓу Северна Македонија и Грција, познат како договорот од Преспа.
„Изминативе седум години двете соседни земји развија исклучително високо ниво на политички дијалог, кое резултира и со неколкукратно зголемување на економската соработка и изградбата на позитивни врски меѓу луѓето. Овие придобивки резултираа со членството на земјата во НАТО, отворање на преговорите со Европската Унија, како и со надградба на стратешкото партнерство во стратешки дијалог со САД“, велат од МНР.
Повикуваат на внимателност од страна на сите политички фактори, особено на избраните државни функционери.
Од тука додаваат дека задржувањето на евро-атлантскиот курс на земјата претставува основен стратешки интерес и гарант за долгорочната безбедност и стабилност на земјата.
Новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова на вчерашната инаугурација во Собранието положи заклетва за претседател во која го употреби името Македонија, што предизвика реакции во Грција, а грчката амбасадорка демонстративно ја напушти пленарната сала во Собранието. Грчкото МНР излезе со остра реакција коментирајќи дека се прекршува договорот од Преспа. ЕУ повика на почитување на договорите, кои, како што велат, се неопходни за продолжување по патот во Европската Унија. Утрово, реагира и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој рече дека нема да прифатат слични лапсузи.