Македонија
Ангелоски за српска „Политика“: „Отворен Балкан“ ја забрзува интеграцијата на регионот
Иницијативата „Отворен Балкан“ треба да креира поповолно деловно окружување во регионот, услови и оперативни мерки кои ќе ја поттикнат и поддржат економската соработка меѓу земјите што засега се вклучени – Македонија, Србија и Албанија, со надеж дека ќе се вклучат и другите држави од Западен Балкан, истакнува претседателот на Сојузот на стопанските комори на Македонија, Трајан Ангелоски, во интервју за српскиот весник „Политика“, кое се објавува пред почетокот на Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска визија на ‘Отворен Балкан’“, кој во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ од денеска до недела се одржува во Белград.
„Носителите на политичките функции испратија јасна порака дека се свесни за потребите на бизнисот и дека се подготвени да направат позитивни промени во таа насока. Ова што е важно е што побргу да почне имплементацијата на договореното за да може полесно да се справиме со актуелните предизвици, како што се растот на цените на суровините, на основните прехранбени производи и на енергентите, кои претставуваат сериозна глобална закана. Сојузот на стопанските комори како деловна мрежа е дел од работните групи што работат на операционализација на мерките укажувајќи што е тоа што најмногу му е потребно за бизнисот. Побаравме да се овозможи зелен коридор на граничните премини за организираните туристички тури како би можело туристите да не ги губат часовите за уживање и релаксација чекајќи во автобусите. Бизнисот смета дека е дојдено вистинско време да почнеме да дејствуваме во правец на интегрирање на инвестициските пазари (берзите) и пазарите на енергетика или, на пример, сѐ она што е во сферата на услужни дејности да се врши без посебни ограничувања. Тука е и можноста преку поврзување на бизнисите да се обезбеди заеднички настап на трети пазари, како и заедничко привлекување странски инвестиции или кусо кажано – очекуваме целиот процес на регионална интеграција многу побргу да се одвива и што е можно побргу да ги почувствуваме позитивните придобивки“, потенцира Ангелоски.
Претседателот на Сојузот во интервјуто зборува и за справување со енергетската криза и очекувањето за конкретни мерки за поддршка на стопанството.
„Сојузот во континуитет истакнува дека за да се стабилизираат компаниите неопходно е да се субвенционираат сметките за струја, целосно ставање во функција на домашните капацитети за производство на електрична енергија и дел од оваа енергија која е по многу поволна цена во однос на берзанската да се даде на стопанството. Исто така побаравме поддршка за користење на обновливи извори на енергија, преку олеснување на процедурите за добивање на дозвола за поставување на фотоволтаици“, вели Ангелоски, акцентирајќи ги и традицоналните добри политички и економски односи меѓу Македонија и Србија и зголемениот обем на трговска размена.
Претседателот на Сојузот заедно со потпретседателите Горан Ѓорѓиевски, Сашо Дукоски и Аркан Керим е дел од настанот на „Отворен Балкан“, каде што активно учество ќе земат на бизнис-форумите, традиционалната македонска вечер, а фирмите, кои се членови на Сојузот, ќе ги презентираат туристичките можности на нашата држава, како и традиционалната македонска храна и висококвалитетните вина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.

