Македонија
Андоновски: Заложба на оваа Влада е да биде транспарентна и отворена
Министерството за дигитална трансформација во соработка со Фондацијата Метаморфозис, денес одржаа јавна расправа за Нацрт-законот за отворени податоци и повторна употреба на податоците од јавниот сектор, со цел да се унапреди систематското објавување и користење на јавните податоци.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека транспарентноста и отвореноста се јасна заложба на Владата.
„Нешто што е заложба на оваа Влада е да биде транспарентна, отворена, да објавува информации што се важни за граѓаните, но не секогаш само за соопштенија, закони и одлуки, туку и на ниво на тековни анализи, на документи до кои се стасува до работа во владините институции, но на еден систематски начин. И досега постоеше портал за отворени податоци Data.gov.mk, за жал, без многу голема употреба, а сега со овој закон мислиме дека ќе ги расчистиме правилата и начините како да се стигне до отворените податоци, како државните институции треба да ги објавуваат и како и на кој начон може да се користат“, изјави Андоновски
Министерот информираше и дека МДТ направило значајна техничка модернизација на порталот, а во рамки на унапредувањата, беше промовиран и ВИ чат-бот интегриран со порталот, развиен во соработка со Македонски Телеком и со ангажман на волонтери од Министерството, кој треба да им помогне на граѓаните полесно да стигнат до потребните информации.
„Променет е и оперативниот систем на кој работеше, целосно бекенд надградба што се случи затоа што сите екстензии биле направени одамна со странска поддршка, но никогаш не биле надградени. Сега имаме нов, современ портал за отворени податоци, лесно достапен, а во соработка со Македонски Телеком и нашите волонтери од Министерството, за прв пат имаме чат-бот кој користи вештачка интелигенција и кој на лесен начин ќе може да им помогне на граѓаните, заинтересираните, здруженијата, лесно да дојдат да дојдат до податоците, без да мора сами да пребаруваат низ множества податоци, туку со едноставни промптови да стигнат до информациите кои им се потребни“, рече министерот за дигитална трансформација.
Тој додаде дека има нацрт-текст за овој закон кој е потребен за зголемување на транспарентноста и користење на податоците, но, како што нагласи, тој текст не е врежан во камен и затоа изрази подготвеност да биде променет и подобрен доколку заинтересираните сметаат дека за тоа има потреба.
„Овој текст на закон е во насока полесно да се стаса до информациите кои се важни за невладинте организации и граѓаните, а исто така ги обврзува институциите да ги споделат овие информации со нив“ рече министерот Андоновски во изјава по воведните обраќања на настанот.
Исто така, посочи дека се подготвува и техничка надградба на самиот портал Data.gov.mk.
„Тоа ќе овозможи тој да ги влече по автоматизам податоците да не треба некој одговорен во институцијата да ги објавува. Мислам дека кога ќе создадете висококвалитетни, огромни дата сетови тогаш и користењето ќе се зголеми, бидејќи во моментов таа е навистина многу мала“, истакна министерот за дигитална трансформација.
Нацрт законот е подготвен во рамки на усогласувањето со правото на Европската Унија и европските политики во оваа област.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.
Македонија
Четворица кандидати во трката за државен јавен обвинител добија позитивно мислење
Обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ и судијата Ненад Савески добија позитивно мислење од Советот за јавни обвинители.
Петтиот кандидат, судијата Владимир Панчевски, уште пред почетокот на разгледувањето на кандидатурите беше исклучен од постапката за избор поради неисполнување на условите, односно има прекини во извршувањето на функцијата судија, која не ја врши ниту сега.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител започна со огласот што го распиша Собрание на Република Северна Македонија на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат најмалку 10 години непрекинат стаж како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Согласно Законот за Јавното обвинителство, кандидатурите се доставуваат до Владата, која бара мислење од Советот на јавните обвинители. Советот има рок од 15 дена да достави образложени мислења. Доколку не даде позитивно мислење за ниеден кандидат, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. За избор на нов државен јавен обвинител се потребни најмалку 61 глас од пратениците.

