Македонија
Андоновски: Македонија добива национален центар за вештачка интелигенција – почнува проектот „Везилка“
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска официјално го претстави проектот „Везилка“ – Национален центар за вештачка интелигенција, капитален проект со, како што рече, историско значење за дигиталната трансформација на Македонија.
Проектот, со вкупна вредност од околу 6 милиони евра, се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија преку програмата Horizon Europe и иницијативата EuroHPC, а е ко-финансиран од Министерството за дигитална трансформација и ФИНКИ – носител на проектот.
„Ова е капитален проект со историско и национално значење – нова страница во дигиталниот развој на Македонија, во која Владата, универзитетите и индустријата заеднички градат национален систем за вештачка интелигенција, со ‘Везилка’, нашата држава станува активен дел од европската мрежа на центри за вештачка интелигенција. Ова е суштински чекор за нашата научна, технолошка и иновациска заедница,“ истакна министерот Андоновски.
Центарот ќе биде придружна единица на европската AI фабрика „Pharos“ со седиште во Грција, што на македонските институции, истражувачи, компании и стартапи ќе им овозможи пристап до европски суперкомпјутери и напредни податочни простори.
„Проектот има и јасна општествена мисија – да создаде национален екосистем за одговорна и доверлива примена на ВИ во следните пет приоритетни области: Прво и најзначајно: Јазик и култура – целта на овој проект пред се е системски развој на македонски јазични модели и дигитална заштита на културното наследство; Понатаму примена на ВИ во Здравство – анализа на здравствени податоци и подобрување на медицинските услуги; Енергетика – оптимизација на производството и потрошувачката на енергија; Јавна администрација – автоматизација на процеси и зголемена транспарентност; Земјоделие – примена на паметни технологии за современо и одржливо производство“, рече Андоновски.
Додаде дека суштината на „Везилка“ е едноставна: да создадеме интелигентни решенија кои му служат на човекот – да направиме технологијата достапна, корисна и етична.
Дополнително, „Везилка“ ќе функционира и како центар за обука и развој на човечки капитал, каде ќе се организираат тренинзи, практични проекти и едукативни програми во областа на вештачката интелигенција.
„Создаваме систем, а не ад хок проекти. ‘Везилка’ ја симболизира нашата визија – Македонија како дигитално суверена држава со силна научна и иновациска основа. Ова е чекор со кој нашата земја станува активен партнер во европскиот технолошки простор, а не само набљудувач.“, додаде министерот Андоновски.
На крајот, тој упати јавна покана до сите академски и научни институции, како и до приватниот сектор, да се вклучат во овој национален проект со европска димензија, со цел градење на една паметна, дигитална и иновативна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

