Македонија
„Анима мунди“ бара раководство со програмата за бездомни кучиња и управување со стационарот „Вардариште“
Здружението за заштита на животни „Анима мунди“ се огласи по неколкудневното препукување на партиите за тоа кој е виновен за алармантната состојба со бездомните животни во град Скопје. Според нив, на овој начин само се креваат тензиите, но, како што велат, решение изостанува како по навика.
Оттаму бараат итно да се запре хајката врз бездомните кучиња кои деновиве масовно се ловат и ја нудат својата помош, односно знаење втемелено на соработка со најсилните меѓународни здруженија за заштита на животните.
„По стоти пат повторуваме – кучиња има и ќе има сè додека најтемелно не се дефинира одговорното сопствеништво, едуцираат и поттикнат граѓаните да вдомуваат, наместо да купуваат миленици и субвенционира стерилизација на домашните миленици; стерилизацијата да биде задолжителна (освен во случаи на регистрирана одгледувачница, т.е. доколку сакаат да се занимаваат со размножување и продавање да плаќаат данок), неконтролираното размножување и напуштање на животните да биде најстрого казнувано. ‘Анима мунди’ бара целосно раководство со програмата за контрола на бездомните кучиња и управување на стационарот „Вардариште“ при што суштински би ја унапредиле тамошната програма и напоредно преку низа мерки би дејствувале на коренот на проблемот, а не само на симптомите кои ако ги прикриваме добиваме само привид на каков било успех“, се наведува во соопштението.
Од „Анима мунди“ исто така додаваат дека суштински е да се знае дека со грубо отстранување и убивање на бездомни кучиња проблемот се продлабочува.
„Доколку заловеното куче не се стерилизира, вакцинира и врати таму каде што живеело, на негова територија веднаш се населува друго животно, нестерилизирано, непознато за околината, уплашено, недоверливо, што по автоматизам значи пораздразливо затоа што на новата локација се бори да преживее. Ние не можеме да ја стигнеме биолошката прогресија на животните. Новите нестерилизирани кучиња се размножуваат и проблемот станува драстично поголем затоа што за неколку месеци треба да се ‘бориме’ и со нивните поколенија, а не само со нив. Кучките со мали кутриња се оние кои штитат, глутници се создаваат само кога постои кучка во циклус, во спротивно стерилизираните животни не се агресивни затоа што имаат смирен хормонален статус и не се натпреваруваат. Во целиот процес залудно се вртиме во круг, во меѓувреме ја ставаме ја безбедноста на граѓаните на ризик и со убивањето губиме градски пари, собрани од данокот на граѓаните“, се вели во соопштението.
Од здружението наведуваат и дека „Вардариште“ во моментов е преполно со животни кои умираат од зарази и нестручно укажана ветеринарна интервенција, а, како што велат, создадена е и масовна хистерија.
„Бараме веднаш да се донесе забрана за заловување на мали кутриња кои таму само умираат од зарази, а не можат да бидат стерилизирани поради нивната возраст. Бараме стационарот да биде отворен за јавност најмалку 6 дена неделно, 8 часа дневно, затоа што основна негова компонента покрај стерилизациите е да овозможи вдомување. Бараме веднаш да се укине забраната за фотографирање на кучињата во ‘Вардариште%.Бараме да се овозможи граѓаните да си ги повлекуваат локалните, односно колективно чуваните миленици од стационарот, да можат ги вратат на територијата на која живеат, а и се охрабруваат граѓаните да бидат општествено одговорни, да ги донесат маалските миленици на бесплатна стерилизација во стационарот, без страв дека истите таму ќе бидат убиени“, апелираат од „Анима мунди“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 04:00 до 08:00 часот, корисниците од населбите: Бутел и Север, општина Бутел, Топанско Поле и дел од Чаир, општина Чаир и Шуто Оризари и Визбегово, општина Шуто Оризари;
· од 07:30 до 15:30 часот, корисниците на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, броеви од 49 до 53, како и објектите во околината на Поликлиника – Идадија, општина Центар;
· од 08:00 до 16:00 часот, корисниците од улицата Тодор Чангов, подулици бр. 10, 15 и 18, општина Аеродром;
· од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од дел од улицата Финска, општина Гази Баба;
· од 11:00 до 14:00 часот, корисниците од улицата Крагујевачка бр. 9, општина Карпош;
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, максималната температура до 16 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а наместа вдолж Повардарјето повремено засилен ветер од северен правец, особено претпладне. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа и во почетокот на следната седмица нашето подрачје ќе се наоѓа во поле на висок воздушен притисок. Времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност, освен во сабота кога ќе има зголемено наоблачување. Од петок по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.

