Македонија
Анима мунди: Грабежот на природните ресурси по планините, ги симна мечките по селата
Веќе подолг период жителите на неколку села што се протегаат во националните паркови во нашата држава алармираат за присуство на заштитениот вид кај нас – кафеавата мечка која во потрага по храна талка по населени места и претура по кантите за отпадоции и дивите депонии, велат од Анима Мунди.
Оттаму пишуваат дека поради незаинтересираноста на надлежните институции чија заштита на овие и сите диви животни постои само на хартија, состојбата кулминираше дотаму каде што немилосрдно беа убиени три мечки на дива депонија обидувајќи се да се прехранат.
„Иако ова наиде на осуда од надлежните институции и навидум се во потрага по сторителите, неодамнешната средба на надлежните институции со жителите на Маврово меѓу редови го кажа сосема спротивното – дека се планира отстрел на кафеавата мечка бидејќи претставува закана за населението и апсурдната констатација дека истата е пренаселена и нејзиниог број е дуплиран. За жал овој наш заклучок го потврди и директорот на ЦУК Стојанче Ангелов со вчерашната несреќна изјава“, стои во објавата на здружението за заштита на животните.
Според нив, наместо надлежните институции со доза на сериозност да пристапат кон овој проблем, да се консултираат со експерти на оваа тема и да најдат безболно решение кое не вклучува смрт, натежнуваат кон масовно убиство на повеќе од половина од популацијата на мечки во нашите национални паркови – мерка која нема да доведе до никаков резултат бидејќи нема да ја исклучи можноста останатиот дел од мечките да гравитираат повторно низ населените места за лесен пристап до храна од кантите за отпадоци и дивите депонии.
„Ова е веќе позната стратегија и слика на една монструозна нација и држава во која владее безаконие, каде заштитениот вид не само тука туку и во цел свет ќе биде доведен до истребување поради досега непостоечки механизам на контрола и заштита на дивите животни.
Апелираме до институциите да пристапат со сериозност кон ова и да не се расфрлаат со глупави идеи за кои ќе се осигураме дека ќе добиете осуда од локалната и меѓународната заедница. Отстрел, убиство на диви животни не смее и нема да биде предлог на маса за решавање на овој проблем наместо наметнување мерки на населението и комуналните служби, преземање дејствија за редовно чистење на отпад и прихранување на мечките. Обука на населението како да се заштити и превенира, коегзистира со дивите животни што е пракса во секоја цивилизирана држава со развиена свест. Кафеавата мечка е диво животно со највисока заштита во законот и предупредуваме дека така треба и да остане“, пишува Анима Мунди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

