Македонија
„Анима мунди“: Да не се убиваат кучиња, нема епидемија на лајшманиоза во Прилеп
Здружението „Анима мунди“ бара да се не се крева паника и да не се убиваат кучиња во Прилеп бидејќи нема епидемија од лајшманиоза во општината.
„Се обраќаме до градоначалникот, Советот и надлежните служби на Општина Прилеп, како и до директорот на Агенција за храна и ветеринарство, итно да се запре со кревањето паника и страв во однос на бездомните кучиња во Прилеп, како и информациите за епидемија од лајшманиоза во општината и најавите за убивање на бездомните кучиња во градот. Станува збор за сериозни шпекулации и дезинформации што ги ставаат на удар кучињата, кои сами по себе никако не може да бидат извор на болеста што се шири саму преку инсект (мушичка) за што потребно е градот да врши редовна дезинсекција, а не да најавува и спроведува убивање на животните“, соопшти здружението.
Според нив, цената на незнаењето на градот да се справи со прекубројноста на бездомни животни преку масовна стерилизација и казни за неодговорно сопствеништво (пуштање на милениците на улица и неконтролираниот расплод) не смее да ја плаќаат животните што се на улица, но не по своја вина.
Граѓаните мора да знаат дека болеста не се пренесува преку кучињата, преку никаков контакт – допир, галење, играње, а ниту со угриз од животно; туку исклучиво преку мушички преносители и само со нивно сузбивање се сузбива ризикот за човечкото здравје.
„Анима мунди“ смета дека најавата за масовна појава на лишманија не е ништо друго, освен сеење страв, паника и поттикнување агресија, насилство кон животните, кое оди во прилог на нивно брутално и масовно убивање. „Информираме дека никаде на Балканот и земјите од нашето соседство, како и никаде во европските земји, лишманијата не е причина за убивање бездомни животни, и тоа дури во подрачја каде што појавата на болеста е далеку поприсутна – ваквата одредба само се злоупотребува во Македонија, при што, наместо да се сузбиваат ризиците од болеста и се трошат пари на масовни стерилизации на бездомните кучиња, се плаќаат трошоци за тестирања на секое куче одделно – трошоци кои се скапи, при што се дава можност за сериозни финансиски малверзации – и убивање што никогаш нема да биде решение на проблемот, туку ќе го продлабочуваат до неврат.
Бараме Општината и надлежните органи итно не преземат мерки што ќе ја гарантираат безбедноста на граѓаните и животните – итно да се запре кревањето паника и да се информира јавноста дека болеста се пренесува само преку мушичките; никако да не се убиваат животните, туку итно да се започнат програми за масовно стерилизирање на бездомните животни и казни за неодговорните сопственици (напуштање, неконтролиран расплод на милениците); итно да се изврши дезинсекција во градот доколку се сомневаат на зголемена појава на лајшманија“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

