Македонија
Антикорупциска го казни Џафери, велат од партијата Левица
„Амнестираниот терорист и политички узурпатор, Таљат Џафери, е санкциониран од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) откако беше утврдено дека незаконски извршувал две неспоиви функции истовремено“, велат од партијата Левица.
„Постапката против Џафери беше поведена по иницијатива на Левица, која уште во јуни 2024 година поднесе претставка до ДКСК за судир на интереси поради неспоивост на функции, бидејќи Џафери истовремено беше претседател на Владата и пратеник во Собранието. Иако Левица инсистираше на итно отстранување и санкционирање на ова флагрантно прекршување на низа законски и уставни одредби, како и начелото за поделба на власта – Антикорупциската комисија реагираше дури по неколку месеци, откако фактичката состојба веќе беше изменета, и изрече, за жал, смешна глоба.
Потсетуваме дека за отстранување на оваа состојба, апелиравме и до собранискиот спикер, Африм Гаши, кој беше должен веднаш да констатира престанок на мандатот на Џафери. Но, Гаши одби да постапи по ова барање на пратеничката група на Левица, па затоа Левица му поднесе и кривична пријава за несовесно работење во службата, а дополнително – една од седумте точки на која Левица ја засноваше, за жал, неуспешната интерпелација за Гаши беше и токму ова непостапување.
Ова не е прв пат Џафери да биде санкциониран по иницијатива на Левица. Тој исто така беше казнет од Антикорупциската комисија и откако Левица поднесе претставка за неговото истовремено вршење на неспоиви функции: претседател на Собранието и член на претседателството на ДУИ.
Левица останува единствениот непокорен бастион против криминалните власти и политичката мафија! Против Џафери имаме поднесено бројни претставки, кривични пријави, иницијативи пред Уставниот суд и Интерпелација во текот на минатиот мандат. Борбата не завршува тука – ќе продолжиме да го разобличуваме секој обид за узурпација и ќе се бориме сè додека правдата не триумфира целосно“, соопштуваат од партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

