Македонија
Апликацијата „Кико“ ќе им чита текст на слепите и лицата со оштетен вид
Претседателот на Владата, Зоран Заев, заедно со првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, како и со министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска присуствуваа на промоција на дигиталната алатка, аудиочитач симболично наречен „Кико“.
„Оваа апликација, која е лесно применлива за сите возрасти, користејќи го системот претворање ‘слика или текст во глас’, ќе овозможи непречена комуникација, непречено движење и целосно вклучување во општеството и достоинствен живот на нашите сограѓани. Исклучително е значајно што со апликацијата аудиочитач ‘Кико’ лицата со оштетен вид за првпат добиваат функционална, современа и соодветна алатка, која во секојдневниот живот ќе им помага и овозможува поголема самостојност, и тоа во сите сфери“, истакна премиерот Заев и изрази задоволство што софтвер-апликацијата за првпат ќе им овозможи на над 3.000 слепи и лица со оштетен вид пишаниот текст да го слушнат и разберат во аудиоверзија.
Заев подвлече дека Владата целосно ја презеде обврската, како членка на Обединетите нации, да работи постојано на имплементација на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост.
„Нашата земја во 2011 година ја ратификуваше Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост и оваа Влада целосно ја презеде обврската, како членка на Обединетите нации, да работи постојано на имплементација на Конвенцијата, притоа обезбедувајќи еднакви права и можности за достоинствен и независен живот на лицата со попреченост, како и на останатите граѓани“, истакна премиерот Заев и ја повика и бизнис-заедницата, особено телекомуникациските компании, да изработуваат говорна поддршка за што е можно повеќе услуги.
„Апликацијата ‘Кико’ може да послужи како основа, односно како база, врз која може да се надградуваат други програми со чија помош на лицата со попреченост ќе им се овозможи еднакво да учествуваат во градењето на едно здраво и напредно општество и на социјален и на економски план. Да работиме заедно, уште повеќе за надминување и на најмалите бариери во насока на обезбедување еднаков пристап до образование, вработување, здравствен, социјален и културен живот на еднаква основа, за сите граѓани на нашата земја“, подвлече премиерот Заев.
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, објасни дека апликацијата, освен лицата со оштетен вид, може да ја користат и лицата со тешкотии во учењето, лицата со дислексија и сите оние лица кои информациите најдобро или полесно ги разбираат во аудиоформат.
„Грижата за ранливите категории на граѓани за нас како Влада и посебно како Министерство за труд и социјална политика е приоритет. Градиме политики и преземаме активности за да одговориме на нивните потреби. Мотото на лицата со попреченост ‘ништо за нас – без нас’ е основата на која се темелат нашите политики кои ги градиме заедно со лицата со попреченост“, рече министерката Шахпаска и додаде дека за разлика од порано, кога се слушаа роботски гласови, сега аудиочитачот звучи природно, лесно разбирливо,и е достапна во мобилна и десктоп верзија создадена согласно современите технолошки трендови.
Постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации, УНДП, Нарине Сахакјан истакна дека Конвенцијата ја потврдува максимата за уживање и почитување на сите човекови права и фундаментални слободи на сите, но посебно внимание посветува на заштитата на достоинството на лицата со попреченост.
„Со денешното претставување на ‘Кико’ верувам дека сме чекор поблиску кон вистинско остварување на таа заложба. По повеќе од десет години напорна работа и посветеност во поддршката на националните партнери за исполнување на начелата од Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, денеска ‘Кико’ претставува многу значајно достигнување во таа заложба“, рече постојаната претставничка на УНДП, Нарине Сахакјан.
Претседателот на Сојузот на слепи лица, Жарко Селковски, рече дека алатката е од големо значење бидејќи самостојно слепите лица може да работат, читаат, да праќаат мејлови и слично.
„Ова помагало е бесплатно, прво од овој вид, брзо, јасно и чисто. Горд сум што секаде на моите колеги ќе кажуваме дека имаме говорна програма. Голема благодарност до премиерот, министерката, УНДП и заложбите за олеснување на нашиот секојдневен живот“, рече Селковски.
Дигиталната апликација аудиочитач е креирана на иницијатива на Министерството за труд и социјална политика, Програмата за развој на Обединетите нации и во партнерство со Националниот сојуз на слепи лица.
Апликацијата е бесплатна и достапна на македонски јазик, а во тек е изработка и на неговата албанска верзија, која ќе биде достапна за неколку месеци. Пристапот до апликацијата е едноставен. Доволно е да се пристапи на Google Play Store и да се симне апликацијата RHVoice. Откако ќе се инсталира оваа апликација потребно е да се одбере „македонски“ на листата со јазици, веднаш до називот „Кико“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма
Иновативната формулација на „Алкалоид“ АД за лекот со додадена вредност „Омепразол“ во течна форма, готов за употреба, прва од ваков тип во светски рамки, е прогласена за „Патент на годината за 2023“ од Државниот завод за индустриска сопственост, во рамките на пригодното одбележување на Светскиот ден на интелектуалната сопственост – 26 април.
Меѓународната патентна пријава на „Алкалоид“ за „Oмепразол“ во течна форма беше поднесена на 17 април 2020 година, со опфат на голем број региони и земји, меѓу кои земјите од Европската Унија, САД, Канада, Кина, земјите од Евроазиската економска унија и други. Патентната пријава при Европскиот завод за патенти, чии ингеренции опфаќаат патентни активности во 39 земји во Европа, беше одобрена на 3 август минатата година и валидирана во триесетина земји, меѓу кои и Македонија.
Патентот на „Алкалоид“ АД ја заштитува течната фармацевтска дозна форма на „Омепразол“, која се базира на два посебни раствори содржани во двокоморско пакување, кое при отворањето автоматски ги меша двата раствора и така се добива готовиот течен омперазол за употреба. Овој препарат е наменет, пред сѐ, за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеалната рефлуксна болест (ГЕРБ) кај малите деца кои не можат да голтаат таблети, како и кај возрасните пациенти кои имаат тешкотии со голтањето (пациети со дисфагија) и неможност за голтање (пациенти со поставени сонди за гастрично хранење и/или геријатриски пациенти).
Државниот завод за индустриска сопственост е основан на 1 декември 1993 година како самостоен орган на државната управа и е надлежен за вршење на работите во врска со стекнувањето и со заштитата на правата од индустриска сопственост кои опфаќаат патенти, индустриски дизајни, трговски марки и ознаки за потеклото на производите. Оваа институција триесетта година по ред традиционално организира активности во насока на афирмација на улогата на индустриската сопственост во поттикнувањето иновации и креативни творби.
ПР
Македонија
Први и шести мај неработни за сите граѓани на Македонија, трети мај за граѓаните од православна вероисповед
Министерството за труд и социјална политика, согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07) соопштува дека:
1 мај 2024 година (среда), Денот на трудот е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
03 мај 2024 година (петок), Велики Петок, петок пред Велигден, е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед во Република Северна Македонија.
06 мај 2024 година (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден според православниот календар, е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
Министерството за труд и социјална политика на граѓаните им ги честита престојните празници.
Македонија
(Видео) Сајкоски: Да донесеме уште поголема победа на 8 мај за просперитетна влада на ВМРО-ДПМНЕ
„Денес продолжуваме со активностите тука во Охрид, вчера поминавме прекрасни митинзи со огромна поддршка од граѓаните. Останаа уште неколку денови“, рече Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5 и ги повика сите да се приклучат и да донесат уште поголема победа во вториот круг.
„Сакам да ја изразам мојата благодарност и горд сум на тоа што го направивме во првиот круг, што ја дадовте вашата огромна поддршка за нашиот кандидат за претседател Гордана Силјановска Давкова.
Сакам да ве повикам и во вториот круг референдумски да излеземе за да можеме да ја реализираме Платформа 1198, за да може да реализираме многу проекти за регионов и нашава држава, да донесеме подобар економски развој и раст, да донесеме подобро образование и здравство, да донесеме подобар живот за сите. Затоа на 8 мај излезете сите да се активираме да кажеме НЕ за ова што се случуваше досега и да дадеме шанса за просперитетна влада која ќе ја носи Македонија напред“, изјави Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5.