Македонија
Апостолоски: Наумовски му додели награда на поранешен член на СДСМ
Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумовски, му доделил награда на поранешен член на СДСМ и поранешен кандидат за градоначалник, обвини Данијел Апостолоски, советник во Советот на Општина Ѓорче Петров од ВМРО-ДПМНЕ.
„По отворениот конкурс за пријавување на заинтересираните, на 10 овој месец се состанува Комисијата за награди и признанија при Советот на општината, каде што констатира дека е пристигната само една пријава која е составена од наставник и ученик за настап и висок пласман на државен и меѓународен натпревар по математика. Комисијата едногласно ја прифаќа пријавата и дава предлог тимот составен од наставникот и ученикот да ја добие годишната награда ‘Ѓорче Петров’ заради висок пласман на натпреварите по математика. Но, тоа, за жал, не беше во плановите на градоначалникот Наумоски“, рече Апостолоски.
Тој додаде дека два дена подоцна, на 12.09, по налог на Наумовски повторно се состанала Комисијата за награди и признанија на која се присутни само членовите на советничката група на СДСМ и ја поништил прводонесената одлука од 10.09 за доделување на годишната награда „Ѓорче Петров“.
„Градоначалникот Наумоски иако имал одлука од Комисијата за награди и именувања за доделување на наградата на единствениот кандидат кој со уредна документација се пријавил на огласот тој повторно ја свикал Комисијата и без присуство на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, одлучува да ја поништи прводонесената одлука и наградата да ја додели на Васил Толески, поранешен член на СДСМ и поранешен кандидат за градоначалник на општина Ѓорче Петров од истата партија, кој воопшто нема аплицирано“, рече Апостолоски.
За скандалот да биде уште поголем, додаде тој, градоначалникот Наумоски вели дека пријавениот ученик, несудениот добитник, бил премлад за оваа награда и доволна ќе му била доделената плакета за првенец на генерација.
„По скандалот со исхраната на учениците, каде што илјадници ученици сè уште немаат оброци во основната и целодневната настава, ова е уште еден стимул за образованието во Ѓорче Петров. Го прашуваме Наумоски, дали критериум за добивање на годишните награди и признанија на општината Ѓорче Петров, стана партискиот ангажман во СДСМ?“, рече Апостолоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.
Македонија
Костовски и Бајовски со ново, заедничко, ветување: Канализација ќе добијат сите улици во Бел Камен и Кучевишка Бара кои досега беа изоставени
Градоначалниците на Бутел и на Чучер-Сандево, Дарко Костовски и Зоран Бајовски со заеднички проект ќе го решаваат проблемот со канализација во Кучевишка Бара и Бел Камен. Населбите се една до друга, но припаѓаат на две различни општини и со децении градоначалниците ветуваат дека ќе им изградат фекална канализација, но досега ниту еден не го реализираше ветувањето.

Во работнта група се вклучени експерти, технички служби и претставници на граѓаните
Градоначалникот на Чучер-Сандево попладнево на социјалните мрежи се пофали дека првпат двете соседни општини пристапуваат заеднички и координирано за решавање на овој долгорочен проблем, со јасни рокови и распределба на обврски.
„Денеска заедно со градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, ја формиравме оперативната работна група за решавање на заедничките проблеми на жителите од Чучер Сандево и Бутел. Главна задача на групата е финализирање и доработка на основниот проект за фекална канализација, со цел проектот да ги опфати сите улици кои досега беа изоставени. Со зголемување на опфатот ќе бидат вклучени и улиците како Бутелска 27, 29, 31, 33 и 35, како и други критични точки кои бараат итна интервенција“, објави градоначалникот Бајовски.
Во работнта група се вклучени експерти, технички служби и претставници на граѓаните за да се обезбеди транспарентен процес и квалитетна техничка документација.

Главна задача на работната група е доработка на проектот со цел да ги опфати сите улици кои досега беа изоставени
„Нашата цел е да обезбедиме трајно и одржливо решение за управување со отпадните води, што ќе го подобри здравјето и квалитетот на живот во двете општини“, вели градоначалникот Бајовски.
Револтирани што на терен нема никакви активности и оти градоначалникот Бајовски фекалната канализација во Бел Камен не ја ставил на листата со приоритети, како што им вети пред изборите, претставници на жителите од двете населби пред два месеца го потсетија на ветувањето и му кажаа дека доколку не почне да работи за решавање на нивниот проблем, подготвени се да протестираат.
Градоначалникот Бајовски, за „Макфакс“ на крајот на ноември изјави дека, за да почне да го решава проблемот, прво ќе направи ребаланс на буџетот, а потоа ќе работи на нов проект кој ќе ги опати и улиците каде што никогаш не е изградена фекална канализација.
Македонија
Блокиран сообраќајот на патниот правец Ресен-Битола
Во 16:10 часот блокиран е сообраќајот на патниот правец А-3 Ресен-Битола кај месноста викана Ромската населба Битола, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

