Македонија
Армијата и одбраната продолжуваат да се развиваат, почнаа годишните билатерални разговори со НАТО, соопшти Министерството за одбрана

Денеска и утре тим од НАТО – Алијансата предводен од високиот политички експерт и известител за нашата држава Стјуарт Ендрјус ќе учествува на билатералните одбранбени разговори со Алијансата. Разговорите се посветени на плановите за развој на одбранбените способности согласно НАТО целите на способности, вклучувајќи ги и одбранбените планови, финансиите и човечките ресурси во одбраната, велат од Министерството за одбрана.
Тимот експерти од Министерството за одбрана, предводен од државниот секретар Елизабета Чуповска Ристова ќе информира за споделувањето на товарот кое ги вклучува и инвестициите во одбраната. Согласно заложбата за инвестирање во одбраната, усвоена на Самитот во Вилнус во 2023 година, а реафирмирана на Самитот во Вашингтон минатата година, земјава издвојува 2 проценти од бруто-домашниот производ за одбраната, односно 329 милиони евра, од кои над 32 проценти се наменети за опремување и модернизација на македонската Армија.
Пред НАТО-тимот ќе биде потврдена заложбата на Министерството и на државата за континуирани реформи и развој на одбранбените способности во служба на националната и колективната одбрана во НАТО.
Билатералните одбранбени разговори со Алијансата се реализираат секоја година во рамките на НАТО процесот на одбранбено планирање. Процесот на спроведување на одбранбените реформи, плановите за иден развој, како и постигнатото ниво во развојот на одбранбените способности се евалуираат преку повеќе области, извести Министерството за одбрана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Богородица се чека околу 30 минути на македонска страна

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничниот премин Богородица задржувањето од македонска страна е околу 30 минути. На останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Аеродром и Карпош денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците во околината на објектот ЕКВИЛИБРИУМ на улица Руди Чајевац, општина Аеродром;
· од 09:00 до 16:00 часот, корисниците од дел од улица Ванчо Мицков, општина Карпош;
· од 10:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улица Кнез Трпимир и населбата Трнодол, општина Карпош.
Македонија
Сончево и топло, попладне пороен дожд, грмежи и засилен ветер

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме со услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 21, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе има услови за развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Времето во наредните денови
Во деновите од викендот времето ќе биде стабилно и малку посвежо и ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Од понеделник ќе продолжи период на стабилно, претежно сончево и топло време со пораст на температурите.