Македонија
Армијата ќе ѝ помага на полицијата во обезбедувањето на болниците

Владата на денешната седница го прифати предлогот на Министерството за здравство за потребата од дополнителна асистенција на припадниците на АРМ во обезбедувањето на болниците.
Од владината прес-служба појаснуваат дека ова ќе биде дополнителна помош за припадниците на МВР.
„Во однос на овој предлог беше донесен заклучок за ова да се побара согласност од претседателот на државата“, се наведува во владиното соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ за Коридорот 8: Тие што го саботираа, денес се фалат

Демократската Унија за Интеграција го поздравува ентузијазмот со кој актуелната Влада го промовира реализирањето на стратешките проекти во земјата, како што е Коридорот 8, исклучителен проект со национални и меѓународни димензии, кој претставува стратешки интерес за Република Северна Македонија, евроатлантското сојузништво и мрежата на трансевропски коридори на НАТО, соопштија од оваа партија.
Сепак, како што додаваат, не можат а да не ја потенцирааТ иронијата: „токму тие што некогаш го саботираа, блокираа и стигматизираа овој проект, денес се обидуваат да ги присвојат заслугите за иницијатива која стана реалност благодарение на политичката волја, институционалната посветеност и стратешката визија на ДУИ и нејзиниот лидер Али Ахмети.
Граѓаните не забораваат дека Коридорот 8 е резултат на силна политичка битка, во која ДУИ секогаш беше на страната на развојот и интеграцијата. Оние што денес го нарекуваат „историски проект“, се истите што порано го нарекоа „проект со епски криминал“, го отфрлаа со жестина и го попречуваа со сите средства. Една од првите одлуки на оваа влада – без етнички легитимитет – беше токму укинувањето на изградбата на тунелот меѓу Гостивар и Кичево, а потоа и блокирањето на теренските работи со месеци“.
Според партијата на Ахмети, денес, кога резултатите од заложбите на Демократската Унија за Интеграција се видливи, кога работите се во фаза на неповратна реализација, ги гледаат како што велат истите тие што вчера се потсмеваа со проектот, како патетично зборуваат за неговата важност.
„Вистината е дека овој проект го носи потписот на ДУИ – во визија, одлука и политичка инвестиција.
Коридорот 8 е проект на ДУИ. Тоа е инвестиција на ДУИ во европската иднина на оваа земја и составен дел од нашата визија за интеграција и рамномерен развој. Им посакуваме успех на сите институции и чинители вклучени во финализирањето на овој проект, затоа што за нас најважно е тој да се реализира – за граѓаните, за економскиот развој, за регионалното поврзување и за зајакнување на мултиетничката држава.
Но едно е јасно: без посветеноста, храброста и решителноста на Демократската Унија за Интеграција, Коридорот 8 ќе останеше само идеја на хартија, како што беше цели 30 години“, подвлекуваат од ДУИ.
Македонија
Пожарите се подметнати, излегоа снимки и докази кои тоа го потврдуваат додека СДС прави политички маркетинг, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Сведоци сме на зачестени пожари низ државата, за кои според сите индиции, не се последица на природни фактори туку на намерно дејствување и подметнување од страна на човечки фактор, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Најновиот пример, според нив, е снимка од Делчево, каде се гледа како лице намерни пали пожар и веднаш потоа бега од местото на настанот. Овие случаи, како што оценуваат, не се изолирани, напротив, додаваат, на повеќе локации се пронајдени натопени дрва и палети со бензин, гуми и ракавици што дополнително го потврдува сомнежот за организирано подметнување.
„Секојдневно се приведуваат лица, а дел од нив директно или индиректно се поврзуваат со СДС. Дополнително дека станува збор за смислено сценарио говорат и реакциите на СДС кои со денови злонамерно ликуваат и собираат политички поени на тема со пожарите.
Планот на СДС за предизвикување хаос не успеа особено во Скопје каде имаше најмногу подметнати пожари. Наместо помош на населението при справувањето со пожарите, СДС само обвинува и прави политички маркетинг.
За разлика од минатото денес има повеќе опрема, подобро обучен персонал и поголема мобилизација. Времето кога се дејствуваше со стара механизација и Фап на Заев од 1975 година заврши. Институциите работат посветено“.
Ги повикуваат надлежните институции да преземат посериозни мерки за сите кои стојат позади овие штетни и опасни активности.
Македонија
Алијанса за Албанците: Политичката групација „ФЛЕН“, потоната во конфузија и зафатена од политичка апатија

Политичката групација „ФЛЕН“, потоната во конфузија и зафатена од политичка апатија, во понеделникот изјави дека нивната борба е за затворање на казината и заштита на семејствата.
Алијансата за Албанците им порачува дека ова е изгубена битка, бидејќи новиот закон за игрите на среќа, подготвен од ВМРО-ДПМНЕ, веќе е готов и наскоро ќе биде ставен во процедура за усвојување, се нагласува во соопштението од оваа партија.
„ФЛЕН“, како што велат, по којзнае кој пат, ја лаже јавноста, тврдејќи дека се бори против индустријата на коцкањето.
Според нив, во реалноста, новиот предлог-закон само ја зајакнува и понатаму ја легализира оваа индустрија, особено преку онлајн игрите на среќа.
„Овој политички субјект продолжува да спие, додека ВМРО-ДПМНЕ ги подготвува законите и им ги сервира како „свршен чин“ за гласање.
Според новиот закон, лиценците за онлајн операторите ќе продолжат да се издаваат на период од 6 години, исто како и досега, што го потврдува отсуството на било каква волја за забрана или ограничување на оваа штетна активност.
Наместо да се забрани оваа индустрија, се создава затворен и монополизиран систем кој ги фаворизира компаниите блиски до власта и отвора сериозни сомнежи за тајни профити на луѓе блиски до владините структури“.
Според Алијанса за Албанците, наместо да ги следи најдобрите европски практики, како забрана на агресивно рекламирање, ограничување на пристапот за малолетници, поставување лимити за трошење, или соработка со здравствени организации, Северна Македонија го олеснува развојот на коцкарската индустрија во име на дигитализација и формализација.
„Овој предлог-закон не е реформа за граѓаните, туку политички акт кој ја претвора зависноста од коцкањето во извор на приходи за државата и за други блиски до власта.
„ФЛЕН“, парализиран од еуфоријата на првите денови во власт, нема ниту улога, ниту влијание, ниту глас во овој процес.
Она што Алијансата за Албанците одамна го има разобличено, многу брзо ќе се потврди и јавно – кога Владата ќе го поднесе законот на усвојување“.