Македонија
Арсовска: Владата доцни пет месеци со преземање мерки за енергетската криза
Пет месеци се доцни за преземање мерки за ублажување на ефектите од кризата, смета градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, којашто денеска ја коментираше вчерашната изјава на мандатарот за Влада, Димитар Ковачевски, дека обврска на Градот е решавање на енергетската криза во Скопје.
„Би сакала да ја прокоментирам и изјавата на новиот мандатар дека Владата нема да дозволи Скопје да остане без парно. Би ја поздравила оваа изјава на мандатарот и сакам да го посетам дека обврската за ова е на Владата, дека БЕГ има добиено концесија од Владата, а не од Градот и секако тоа е обврска и одговорност на Владата. Воедно се доцни веќе пет месеци за преземање мерки за ублажување на ефектите од кризата. Несериозно е префрлање одговорноста на институции што немаат ниту средства, ниту одговорност за хаосот настанат во енергетиката. Оваа Влада има, исто така, обврска кон општините и граѓаните, особено бидејќи тие се оставени без средства и задолжени се до максимум“, смета Арсовска.
Таа смета дека конструкции и приказни за тоа дека некој ги спасува граѓаните во услови на енергетска криза се. како што кажа, крајно несериозни.
„Префрлањето вина или обидите на оној кој не презема мерки во кризава да се прикаже како спасител е дегутантно и непотребно бидејќи ако се реагираше на време со мерки, како што тоа го направија владите на другите држави, сега немаше да има толку големи проблеми. Сите плаќаме поскапа електрична енергија, парно, нафтени деривати. А општините и нивните институции плаќаат петпати поголеми сметки за електрична енергија затоа што се дозволи еднострано раскинување на договорите од страна на снабдувачите со електрична енергија, без никакви последици. Владата од нас бара одговорност, а притоа ги има сите средства собрани од граѓаните и не е спроведена целосна фискална децентрализација, затоа што тоа ќе значи помалку пари во буџетот на Владата, а повеќе во општините и Градот Скопје, што ќе значи поголема одговорност и поголема финансиска независност на општините“, изјави Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.

