Македонија
Арсовска: Водоснабдувањето во Скопје е постојано во дефект, потребна е целосна реконструкција
Кандидатката за градоначалник на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска денеска посочи дека решавањето на проблемот со водоводната мрежа е еден од нејзините приоритети.
„Стручен тим ќе изработи студија за утврдување на состојбата на двата главни магистрални метални цевководи, едниот кој е поставен по Партизанска и другиот кој е поставен по булеварите Словенија и Босна и Херцеговина. Овие главни цевководи се изградени уште во 1967 година со метални цевки и имаат ограничено време на трајност. Затоа ќе инвестираме во реконструкција и замена на дотрајаните и нефункционални водоводни цевки на територија на Град Скопје. Тоа ќе биде приоритет за мене”, порача Арсовска на денешната прес-конференција.
Таа посочувајќи на честите проблеми и прекини на водоснабдувањето во различни делови од градот, упати прашање до актуелниот градоначалник зошто не се инвестира во нова водоводна и канализациона мрежа.
„Нема ден да нема прекин на водата во делови од градот. Доколку почнеме да ги набројуваме сите општини ќе сфатиме дека водоснабдувањето во градот ни е очигледно постојано во дефект. И затоа сакам да упатам јавно прашање до актуелниот градоначалник каде и на што се трошат парите на граѓаните, ако сите гледаме дека не се инвестира во нова водоводна и канализациона мрежа на градот”, потенцираше Арсовска.
Таа нагласи дека нуди конкретни решенија на проблемите и на останатите делови на Скопје, каде, како што кажа, во некои населени места во летниот период немаат вода и со недели.
„Ќе се изгради систем за водоснабдување на Ченто, Стајковци, Синѓелиќ, Инџиково и Хиподром. Исто така, од мостот во Маџари еден крак од водоводната мрежа по булеварот Александар Македонски, ќе продолжи до новата населба во Хиподром. Приоритет на Град Скопје ќе биде изградба на квалитетен систем за водоснабдување и во Љубанци, Љуботен, Раштак, Булачани, Виниче, Страчинци и Брњарци. Според програмата за модерно Скопје, која по 17 октомври ќе биде и програма на градот, ќе отпочне изградба на пумпна станица, потисен цевковод и резервоар, со што ќе се добие трајно решавање на проблемот со недоволен притисок во мрежата на Општина Ѓорче Петров. Скопје ќе биде град кој се грижи за сите граѓани подеднакво и ќе инвестираме во обезбедување на квалитетни услови за живот во секоја општина”, додаде Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

