Македонија
Арсовска: Да ги надминеме разликите за Скопје повторно да биде град на солидарноста
Да гледаме кон иднината и да ги надминеме разликите за Скопје повторно да биде град на солидарноста и соживотот, истакна градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во своето обраќање пред Споменикот на ослободителите, а по повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје.
„Денес ја имаме можноста да живееме во слободен град, но тоа е и аманетот кој ни го оставија оние кои се жртвуваа за да имаме иднина. Да гледаме кон иднината, да ја живееме сегашноста надевајќи се дека ќе можеме да ги надминеме разликите и повторно да го направиме Скопје да биде град на солидарноста и на соживотот. Знам дека скопјани можат да се обединат и знам дека сите ние заедно ќе отпочнеме да реализираме визија за модерно, европско, поубаво Скопје. Не е важно само да го чествуваме овој ден. Важно е и секој еден ден да се сеќаваме на жртвата која борците ја дале, за денес да живееме во слободно Скопје и во слободна Македонија“, рече Арсовска.
Пред Споменикот на ослободителите се обрати и претседателот на градската организација на Сојузот на борците од НОАВМ, Наум Буревски кој порача дека борбата за слободно Скопје им припаѓа на сите граѓани на Македонија.
„Ова е еден од најзначајните празници на Скопје. Денеска се потсетуваме на херојскиот чин на 12-та, 16-та и Третата ударна бригада кои што пред 77 години го ослободија Скопје. Во непосредна близина, кај тогашната Учителска школа, се водеше една од клучните операции за ослободување на нашиот град, каде што животот го положија многу борци“, рече Наум Буревски, претседател на градската организација на Сојузот на борците од НОАВМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.
Македонија
МВР потврди: Уапсен Артан Груби
На граничниот премин „Блаце“, припадници на Министерство за внатрешни работи го уапсија поранешниот прв вицепремиер Артан Груби.
„Денеска (23.02.2026) во 06:10 часот на Граничниот премин Блаце, на влез во државата, од слобода е лишен Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по чл.354 ст.5 в.в. ст.3 в.в ст.1 в.в со чл.22. од КЗ“, велат од МВР.
Груби се товари за злоупотреба на службената положба во случај поврзан со Државна лотарија. Во предметот осомничен е и Перпарим Бајрами, а истрагата се однесува на наводна проневера од околу осум милиони евра преку набавка на ВЛТ апарати.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Карпош и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 10.00 часот, корисниците од улицата Марко Крале лоцирани околу објектот бр. 51, општина Бутел;
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, корисниците од улицата Козле лоцирани позади фабриката Реплек, општина Карпош;
– во периодот од 08.35 до 11.00 часот, корисниците од улицата Радишанска, општина Бутел;
– во периодот од 12.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улицата 1439 во населба Пинтија, општина Кисела Вода.

