Македонија
Арсовска: За четири месеци решени двојно повеќе спорни предмети за АСНОМ во споредба со претходното раководство за три години
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денес на прес-конференција за мостот АСНОМ сподели со јавноста кои се спорните предмети коишто треба да се решат за проектот да може во целост да се реализира, односно посочи дека несоодветното планирање на сите фази на проектот се главната причина за моменталните состојби за кои сега активно се изнаоѓаат решенија за нивно надминување.
Арсовска потенцираше дека тоа е суштината на сите проекти што останаа започнати од претходното раководство, каде е утврдено дека од самиот почеток планиранo е само делумно една фаза од проектот, или еден дел и тука е застанато. Нема еден проект што е оставен без проблеми, односно овие проекти се започнати на брзина без соодветно планирање.
„Оние кои опструираат и пласираат неточни информации дека проекти се стопирани и од ова место ќе ги демантитрами ќе повторам уште еднаш како многу пати досега дека ниту еден проект што е добар за скопјани и кој е започнат во нивен интерес нема да биде прекинат. Овој проект е од исклучително значење на граѓаните од Аеродром и Гази Баба и ќе се спроведе до крај, иако тука и самите гледате дека тој што го почнал ни самиот немал однапред соодветно планирано како ќе го заврши затоа што од почеток воопшто не се испланирани соодветно сите фази”, изјави градоначалничката Арсовска на денешната прес конференција.
Арсовска истакна дека најголемиот проблем во овој проект се ескпропријациите.
„Од 2018 година кога е започнат проектот имало 139 парцели и 136 објекти што треба да се решат или вкупно 275 постапки за експропријација. За три години успеале да решат 31 предмет, a за 8 влегле во постапка на спор. Ние само за четири месеци решивме 82 предмети”, додаде градоначалничката Арсовска.
Досега на делот на мостот од ноември до денеска спроведени се градежни активности за асфалтирање на мостот и на дел од улицата, дозатегнување кабли за преднапрегање на мостот, поставување на осветлување и канделабри, поставување ограда на мостот и тоа заштитна ограда и еластична ограда, се реши проблемот со регулација на речното корито, се поставија дилатации на мостот, се извршија испитувања за статички и динамички влијанија на мостот, се обложија столбовите со гранитни плочи и од страната на Керамидница се завршени земјени работи, насипување и горен строј. Сите активности поврзани со овој дел на мостот се завршуваат до 10 април годинава точно според предвидената динамика.
„Во делот кај Ист гејт од ноември месец наваму е извршено поврзување на водоводната мрежа, поврзување на крак 1 и крак 2 од атмосферската мрежа, комплетно е изработен северниот коловоз заедно со пешачката и велосипедската патека освен во делот на затекнати неразрешени имотно правни односи, изработени се сите основни елементи за новото осветлување на булеварот и со изведбата на булеварот овозможено е на кабелските оператори и ЕВН да извршат реконструкција и поставување инсталации”, истакна Арсовска.
Тендерирање на последна фаза во делот кај Ќерамидница, ќе се спроведе кон крајот на оваа година. Финалното завршување на бул. АСНОМ со сите три фази се очекува откако ќе ги решиме сите затекнати проблем
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

