Македонија
Арсовска на еколошка акција во Градскиот парк

Денеска во Градскиот парк градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска учествуваше во еколошка акција за чистење, како дел од низата акции кои Градот Скопје ги подржува и реализира во следниот период. На иницијатива на хрватската амбасадорка во Македонија Н.Е Нивес Тигањ и Хрватскиот деловен клуб започна првата еколошка акција за чистење, во рамките на која во Градскиот парк поставени се нови канти за отпадоци како донација од приватниот сектор.
– Сакам да ви се заблагодарам на сите за присуството, оваа идеја на Хрватскиот деловен клуб и амбасадорката на Хрватска, е навистина одлична иницијатива за наша заедничка вклученост во вакви еколошки акции, но и начин да ја кренеме свесноста на секојдневните корисници на градскиот парк за потребата да го одржиме паркот чист и убав за сите граѓани да уживаат во пролетното зеленило, истакна Арсовска пред присутните.
Хрватската амбасадорка Тигањ истакна благодарност до Градот Скопје и до градоначалничката Арсовска за нејзиното присуство во денешната акција, која е прва ваква акција со вклученост на хрватската амбасада и која е биде мотив и за останати слични еколошки активности.
Арсовска им се заблагодари на амбасадорката на Хрватска во Македонија, Н.Е. Нивес Тигањ, претседателот на Хрватскиот деловен клуб, Драган Ѓоргиевски, како и на над стотината присутни претставници од хрватската амбасада и хрватскиот деловен клуб за нивното залагање во заедничките напори за поубаво и почисто Скопје и истакна дека Градот ќе ја подржи секоја иницијатива за почист град.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Во потрага по храна, мечка се качи на тераса од семејна куќа во Тетовско

Мечка се качила на тераса од семејна куќа во тетовското село Отуње.
Членовите на семејството биле во внатрешноста на куќата, па со мобилен телефон ја снимиле мечката качена на маса каде имало оставено храна, пишува „Тетово инфо“.
Според објавеното и во другите блиски села како Сетоле и Једоарце летово биле забележани слични примери на камери за видеонадзор.
„Мечките во потрага по храна, се движат низ селото, уништуваат сандаци со пчели и слично“.
Македонија
ОЈО со детали за големата акција: 13 лица под истрага за даночно затајување, перење пари и даночна измама, тргувале со горива

Денешната акција спроведена на повеќе локации низ државата е резултат на двегодишна предистражна постапка што ја водеше Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во тесна соработка со Управата за финансиска полиција, соопшти обвинителството.
Постапувајќи по кривичната пријава, надлежен обвинител од ОЈО ГОКК донел Наредба за спроведување на истражна постапка против 13 лица, меѓу кои се и четворица косовски државјани и една државјанка на Република Хрватска.
Осомничените се товарaт дека од 2014 до 2023 година организирале и учествувале во криминална група со цел стекнување противправна имотна корист преку даночно затајување, даночна измама и перење пари со што осомничените го оштетиле Буџетот на државата во големи размери. Групата креирала мрежа од правни субјекти преку кои се вршела продажба и фиктивна трговија со нафтени деривати, се изготвувале фактури со невистинита содржина, со цел да се избегне плаќањето на даночни обврски и да се оствари незаконски поврат на ДДВ. Преку правни лица што не поседуваат дозволи за трговија со нафтени деривати се вршела набавка, транспорт и продажба на Еуросупер, Еуродизел и Екстралесно гориво, со намера да избегнат целосно или делумно плаќање на законски предвидените даночни обврски. Продажбата во поголем број случаи се одвивала без издавање на фискални сметки и фактури, а средствата прибрани во готово не биле евидентирани во сметководствената документација. Осомничените странски државјани, кои формално биле назначени за одговорни лица во повеќе осомничени правни субјекти, немале регулиран престој во земјава, што организаторите на групата го користеле како начин за прикривање на нивната поврзаност со криминалното дејствување.
Воедно, организаторите на групата, од продадените нафтени деривати во готово пуштиле во оптек, примиле пари и извршиле пренос на паричните средства со намера да го прикријат нивното движење, со што се стекнале со противправна имотна корист во големи размери, а за која знаеле дека е прибавена со кривичното дело Даночно затајување, при што сториле и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело.
Јавниот обвинител ценејќи дека се исполнети условите до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерка притвор за сите осомничени. До сега се обезбедени седум лица за кои е прифатен предлогот на обвинителството и судот со Решение им определи мерка притвор во траење од 30 дена, за останатите – петмината странски државјани и еден македонски државјанин мерката притвор ќе биде определена во отсуство.
Македонија
Муцунски-Јан Копман: разменети мислења за спроведувањето на реформската агенда, во фокусот и иницијативата „Роаминг како дома со ЕУ“

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес и утре престојува во работна посета на Брисел, Кралството Белгија. Во рамки на посетата, денеска оствари средба со генералниот директор на Директоратот на Европската комисија за проширување и источно соседство, Герт Јан Копман.
На средбата беа разменети мислења за спроведувањето на реформската агенда, посветеноста на Владата да испорачува видливи резултати од реформските процеси, како и за Планот за раст како дел од пошироката европска поддршка за регионот. Муцунски нагласи дека Владата во изминатата година демонстрираше сериозна посветеност во исполнувањето на обврските од реформската агенда, постигнувајќи значителен напредок, особено во областите на дигитализацијата, владеењето на правото и борбата против корупцијата, при што истакна дека овие приоритети остануваат во фокусот на Владата и во наредниот период.
Се разговараше и за регионалната соработка, при што беше нагласена активната улога и придонесот на Република Северна Македонија во рамките на регионалните иницијативи, како и кон стабилноста и безбедноста на целиот регион.
Соговорниците се осврнаа и на актуелните геополитички и безбедносни предизвици во Европа. Во таа насока беше потенцирана важноста од продолжување на поддршката за Украина и потребата од заеднички, координиран пристап во справувањето со последиците од руската агресија.
Во фокусот на разговорот беше и иницијативата „Роаминг како дома со ЕУ“, насочена кон постепено укинување на трошоците за роаминг помеѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија. Одлуката за оваа иницијатива се очекува да биде донесена на почетокот на следната година.
Муцунски уште еднаш ја потврди цврстата посветеност на Република Северна Македонија кон процесот на европска интеграција како еден од стратешките приоритети во надворешната политика. Тој ја истакна и целосната усогласеност на државата со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и значењето на стратешкото партнерство со Европската Унија во областа на безбедноста и одбраната.