Македонија
Арсовска од Ѓорче Петров: Не можеме да чекаме уште 4 години некој да ја краде иднината на Скопје
На вечерашната средбата со граѓаните на Ѓорче Петров, независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска им порача дека не можеме да чекаме уште 4 годни некој да му ја краде иднината на Скопје.
„Скопје денес е во застој, не се развива и никогаш не било повалкано. Градот живее во стагнација, уназадување и тоа нè разочарува сите. Заборавени цели населби со илјадници жители. Села и приградски населби без вода, без улици и без осветлување. Градот е заробен во урбан хаос, каде секој гради каде сака, истура бетон врз дрва и зеленило. Луѓето без визија ќе ви кажуваат дека проектите кои ги предлагаме не можат да се реализираат. А ние денес ќе им порачаме дека нивното време во Ѓорче Петров и во Скопје е завршено. Имаа шанса, ја прокоцкаа. А ние сме професионалци што нудат решение”, истакна Арсовска пред граѓаните на Ѓорче Петров.
Арсовска уште порача дека неработниците заминуваат и доаѓа време на брзи и сигурни решенија, дека сега е време за професионалците, за менаџерите и за чесните луѓе кои работат. “Ние сме професионалци кои нудат решенија”, дополни Арсовска.
„Градот Скопје мора да се развива еднакво. И во центарот на градот, но и во овие преубави населби околу него. Тука во Ѓорче Петров, се обврзувам дека за мене нема заборавен населба. Не смее Волково, Кучково, Даме Груев, Ново Село, Орман и Никиштани и Кисела Јабука да немаат чиста вода за пиење или да немаат канализација или асфалт или игралишта за нашите млади генерации. Мораме да работиме на растеретување на сообраќајот и на главната артерија низ Ѓорче Петров, и на влезот на градот Скопје од западен правец, но и на артериите кои го поврзуваат Ѓорче Петров со останатиот дел од градот. За решавање на овие проблеми нема да чекаме 4 години. Почнуваме веднаш”, им порача Арсовска на граѓаните на Ѓорче Петров.
Арсовска ги претстави проектите за Ѓорче Петров, проширување на кракот на булевар Теодосиј Гологанов до раскрсница со бул. Ѓорче Петров и изградба на сообраќајница со четири ленти, инфраструктурни проекти значајни за општина Ѓорче Петров, два нови кружни текови, еден на влезот во Ѓорче Петров од Сарај и друг на улица Македонска војска.
Во соработка со централната власт, додаде таа, ќе се предвидат и нови поврзувања со автопатот и обиколницата на клучните излези од градот Скопје, како и чистење на дивите депонии кај Ново Село и многу други.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

