Македонија
Арсовска: Советот на градот и управниот одбор се одговорни за состојбата во Комунална
Градоначалничката Данела Арсовска во објава на социјалните мрежи утрово пишува дека одговорноста за состојбата во ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје е во рацете на Советот на градот и управниот одбор, кои, како што наведува, се составени од кадри на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН.
„Ако не ви е јасно дека кадрите на Мицковски се одговорни за ѓубрето низ Скопје, ќе се обидам да ви појаснам уште еднаш,“ напиша Арсовска на социјалните мрежи.
Таа наведе дека според законот, ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје го основа Советот на Град Скопје, кој одлучува за сите согласности и оперативни планови. Управниот одбор, кој управува со претпријатието, е составен од членови на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, а неговата претседателка – како што посочува Арсовска – е „осудена за две кривични дела и наградена со советничко место во општина Бутел“.
Во објавата се наведува и дека Советот не презел мерки за да обезбеди нормално работење на претпријатието, ниту пак ги разрешил управниот и надзорниот одбор, иако, според Арсовска, тоа е законска обврска.
„Функционирањето на секој директор зависи од одлуките на управниот одбор на ВМРО/ВЛЕН и тој може единствено да спроведува тоа што тие ќе изгласаат. Кој и да е поставен, е блокиран и зависен од нивните одлуки,“ појасни Арсовска.
Во завршницата на соопштението се наведува дека Советот на градот не презел ниту една законска мерка за подобрување на состојбата, а дека целата одговорност за натрупаното ѓубре низ Скопје, според Градот, лежи кај кадрите на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.
Македонија
Утрешното судење за пожарот во „Пулс“ е одложено за 26 јануари
Судењето за пожарот во „Пулс“ што требаше да се одржи утре е одложено за 26 јануари, соопшти Кривичниот суд. Расправата за пожарот во Кочани се одлага по барање на една од адвокатките која е избрана за нов член на Судскиот совет.
„Главната расправа за предметот со К.бр. 1872/25 поврзана со пожарот во Дискотеката ‘Пулс’ во Кочани, насрочена за утре 14.01.2026 – та година, се одлага по барање на бранителот на еден од обвинетите, адвокат Сузана Јошевска Анастасовска“, соопшти Судот.
Барањето е од причина што во текот на вчерашниот ден, Јошевска Анастасовска е избрана за член на Судскиот совет на РСМ, па заради исполнување на правото за ангажирање нов бранител и негово запознавање со предметот, утрешната расправа се отповикува, а судењето продолжува на следниот, претходно утврден термин, на 26.01.2026 година во 09:30 часот во судницата во КПУ Идризово.
Од Судот информираат дека заради економичност во постапувањето, странките се веќе известени за отповиканата расправа.

