Македонија
Арсовска: Веќе покажуваме како се работи домаќински
Изминатите 82 дена беа доволен период да се покаже и докаже дека со искрен пристап и напорна работа администрацијата во служба на граѓаните ќе овозможи враќање на довербата со спроведување проекти за поубав град, рече на денешната прес-конференција скопската градоначалничка, Данела Арсовска.
Таа во говорот се посвети и на нападите што во изминатиот период доаѓаат кон неа од луѓе што, како што рече, потрошиле милиони од средствата на скопјани за свои лични хирови и за прослави во кафеани.
„Притоа не исполнија ни 5 % од она што го ветуваа 4 години, јас можам пред скопјани да потврдам дека таквите денови се веќе минато. Повеќе нема трошење пари на граѓаните за лични цели, Градот се води домаќински, а проектите што ги реализиравме и ќе ги реализираме во периодот што следува ќе бидат доказ за тоа“, истакна Арсовска.
Градоначалничката додаде дека сето ова е доказ дека сепак може да се работи и да се реализираат ветувањата наспроти, како што рече, претходното градско раководство.

Во денешниот отчет за работата во првите 82 дена таа го истакна формирањето на Градскиот екосовет – зелен совет, отворањето на канцеларијата што нуди помош и брза реакција за решавање на проблемите на граѓаните, чистењето на депониите, воведувањето ноќни автобуски линии, намалувањето на цената на градскиот паркинг…
„Исчистени се над 150 диви депонии во градот, од кои над 120 мапирани за време на изборната кампања. Чистењето на дивите депонии ќе остане пракса и во наредните години сѐ со цел чиста околина и чист воздух“, нагласи Арсовска, која на ова го надоврза и формирањето на Градскиот екосовет.
„Градскиот екосовет што го формиравме го сочинуваат дваесет и пет експерти, професори и претставници на граѓански организации од областа на урбаното планирање, урбанизмот, архитектурата, сообраќајот, енергетиката и заштитата на животната средина. Тој има цел креирање политики од областа на екологијата, сообраќајот, урбаното планирање на градот, да предлага стратегии и да дава совети за иднината на развојот на Скопје“, рече градоначалничката.
Таа нагласи дека едно од нејзините главни цели во предизборната кампања било дека Град Скопје ќе биде отворен град, достапен за граѓаните.
„Отворена е канцеларија за комуникација со граѓаните, која работи 24 часа на прием на барањата на граѓаните и решавање на предизвиците со кои се соочуваат. Град Скопје стави во функција и електронска адреса за комуникација со граѓаните [email protected] како чекор кон транспарентно управување со цел 24 часа постапување во служба на граѓаните. Отворена е посебна телефонска линија во служба на граѓаните, преку која остваруваат редовна и брза комуникација со Градот преку бројот 02 3207 536. Воедно, редовно се одговара на поднесените писмени и телефонски барања од граѓаните со кои се обраќаат до Град Скопје за каков било проблем или предизвик“, посочи градоначалничката.
„Парите на граѓаните нема да се трошат на прослави и кафеани и на луксузирање од поединци, нема да се злоупотребуваат привилегиите поради кое однесување Градот е оставен со милионски долгови“, потенцира Арсовска во своето излагање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

