Македонија
Арсовски: Непотизмот да не заврши само со прекршочни мерки, туку со оставки
Најголемиот скандал на непотизам во историјата на Македонија не смее да заврши само со минорни прекршочни мерки и потоа се да остане како што било до сега, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски на прес-конференција.
Тој рече дека оставката на пратеничката Тања Ковачев е нешто што најмалку може да го направи таа самата во моментов.
„Да потсетиме дека сопругот на пратеничката Тања Ковачев, Дејан Ковачев без соодветно образование е вработен во АД Аеродромски услуги- Аеродроми на Република Македонија. Сестрата на истата пратеничка, Катерина Хаџиевска Јакимовска е вработена во УЈП како инспектор за игри на среќа. Зетот за сестра, Бобан Јакимовски беше вработен во Водовод и канализација Скопје, а Елеонора Фунду, золвата, односно сестрата на сопругот на пратеничката беше поставена како претседател на Надзорен одбор на АД Аеродромски услуги Аеродроми на Македонија каде што работи Дејан Ковачев сопругот на Тања Ковачев, жената која што ги вработи целата своја фамилија и беше рекорден во непотистички вработувања. Срамота е Тања Ковачев да помине само со парична казна од неколку стотина евра. Практично сите овие вработени од нејзина страна од нејзиното потесно семејство каде што се утврди дека влијаела, да и ја донираат казната и се ќе си остане по старо. Затоа, потребна е нејзината оставка! И на сите други исти како неа кои што влијаеле потребно е да си дадат оставки“, рече Арсовски.
Тој додаде дека никој од луѓето кои биле вработени со влијание на Ковачев немаат сносено морална одговорност за да си дадат отказ од работното место. Иако се работи за класичен непотизам кој се гледа од далеку, вели Арсовски, никој не се одважи од нив да даде отказ.
„Очигледно парите, високите примања и бенефициите им се послатки од се останато. Очигледно дека овие луѓе немаат срам и воопшто не им значи болката на оние фамилии кои немаат ниту еден вработен во семејството и сите обие фамилии кои што трпат за корка леб. Е тоа е се што треба да знаеме за матрицата и функционирањето на СДСМ кога тие се на власт. Очекуваме дека Антикорупциска ќе се одважи и охрабри ваквите случаи да ги решава онака како што правото, но и моралот и етиката налагаат. Епидемијата на непотизмот на власта на СДСМ не смее да се решава според народната “кучињата лаат, карванот си врви“, бидејќи во сите случаи се работи за огромни пари на граѓаните кои се трошат за натпросечни плати на блиски роднини на функционери на власта на Зоран Заев“, изјави Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма
Иновативната формулација на „Алкалоид“ АД за лекот со додадена вредност „Омепразол“ во течна форма, готов за употреба, прва од ваков тип во светски рамки, е прогласена за „Патент на годината за 2023“ од Државниот завод за индустриска сопственост, во рамките на пригодното одбележување на Светскиот ден на интелектуалната сопственост – 26 април.
Меѓународната патентна пријава на „Алкалоид“ за „Oмепразол“ во течна форма беше поднесена на 17 април 2020 година, со опфат на голем број региони и земји, меѓу кои земјите од Европската Унија, САД, Канада, Кина, земјите од Евроазиската економска унија и други. Патентната пријава при Европскиот завод за патенти, чии ингеренции опфаќаат патентни активности во 39 земји во Европа, беше одобрена на 3 август минатата година и валидирана во триесетина земји, меѓу кои и Македонија.
Патентот на „Алкалоид“ АД ја заштитува течната фармацевтска дозна форма на „Омепразол“, која се базира на два посебни раствори содржани во двокоморско пакување, кое при отворањето автоматски ги меша двата раствора и така се добива готовиот течен омперазол за употреба. Овој препарат е наменет, пред сѐ, за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеалната рефлуксна болест (ГЕРБ) кај малите деца кои не можат да голтаат таблети, како и кај возрасните пациенти кои имаат тешкотии со голтањето (пациети со дисфагија) и неможност за голтање (пациенти со поставени сонди за гастрично хранење и/или геријатриски пациенти).
Државниот завод за индустриска сопственост е основан на 1 декември 1993 година како самостоен орган на државната управа и е надлежен за вршење на работите во врска со стекнувањето и со заштитата на правата од индустриска сопственост кои опфаќаат патенти, индустриски дизајни, трговски марки и ознаки за потеклото на производите. Оваа институција триесетта година по ред традиционално организира активности во насока на афирмација на улогата на индустриската сопственост во поттикнувањето иновации и креативни творби.
ПР
Македонија
Први и шести мај неработни за сите граѓани на Македонија, трети мај за граѓаните од православна вероисповед
Министерството за труд и социјална политика, согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07) соопштува дека:
1 мај 2024 година (среда), Денот на трудот е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
03 мај 2024 година (петок), Велики Петок, петок пред Велигден, е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед во Република Северна Македонија.
06 мај 2024 година (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден според православниот календар, е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
Министерството за труд и социјална политика на граѓаните им ги честита престојните празници.
Македонија
(Видео) Сајкоски: Да донесеме уште поголема победа на 8 мај за просперитетна влада на ВМРО-ДПМНЕ
„Денес продолжуваме со активностите тука во Охрид, вчера поминавме прекрасни митинзи со огромна поддршка од граѓаните. Останаа уште неколку денови“, рече Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5 и ги повика сите да се приклучат и да донесат уште поголема победа во вториот круг.
„Сакам да ја изразам мојата благодарност и горд сум на тоа што го направивме во првиот круг, што ја дадовте вашата огромна поддршка за нашиот кандидат за претседател Гордана Силјановска Давкова.
Сакам да ве повикам и во вториот круг референдумски да излеземе за да можеме да ја реализираме Платформа 1198, за да може да реализираме многу проекти за регионов и нашава држава, да донесеме подобар економски развој и раст, да донесеме подобро образование и здравство, да донесеме подобар живот за сите. Затоа на 8 мај излезете сите да се активираме да кажеме НЕ за ова што се случуваше досега и да дадеме шанса за просперитетна влада која ќе ја носи Македонија напред“, изјави Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5.