Македонија
Арсоски ја презеде должноста командант на здружената оперативна команда

Во касарната „Боро Менков“ во Куманово, со предавањето на военото знаме на командата помеѓу генерал-мајор Зоран Милески и бригаден генерал Павле Арсоски и официјално се изврши примопредавање на должноста командант на здружената оперативна команда (ЗОК).
Согласно со Указите на претседателот на земјава, бригадниот генерал Павле Арсоски, кој досега ја извршуваше должноста заменик на командант на ЗОК, отсега ќе раководи со оваа најголема оперативна команда во АРМ, додека генерал-мајор Зоран Милески во понатамошниот период ќе ја преземе должноста директор на ГШ на АРМ.
На свеченоста согласно со правилото за воен протокол, пред стројот на припадниците на ЗОК и командантите на потчинетите единици со пригодни говори се обратија заменикот на началникот на ГШ на АРМ, досегашниот и новопоставениот командант на ЗОК.
„Сите заедно да продолжиме да ги унапредуваме вредностите врз кои се базира нашата професија и да го надградуваме реномето кое го имаме дома и надвор“, рече Арсоски и додаде дека професионалноста, создавањето подобри услови за работа и подготвеност и справување со сите видови предизвици се прашањата на кои ќе им посвети посебно внимание.
На свеченоста присуствуваа и претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ, поранешни и команданти на командата, команданти на потчинетите команди и единици и други гости.
ЗОК е најголема команда на оперативно рамниште во АРМ чија мисија е подготовка на конвенционалните копнени и воздухопловни сили на АРМ за одбрана и заштита на територијалниот интенгритет и независноста на земјата, со декларираните сили да учествува во операции за поддршка на мирот и превенција од конфликти и справување со регионални конфликти и кризи во операции предводени од НАТО, ООН, ОБСЕ, ЕУ, и други меѓународно договорени сојузи и да придонесува во заштита на пошироките интереси на Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.