Македонија
Асаф Абдурамани именуван за нов в.д. директор на Фондот за здравствено осигурување
Владата на седница го именуваше Асаф Абдурамани за в.д. директор на Фондот за здравствено осигурување.
Ова се случува откако беше констатирана оставката на досегашниот прв човек на Фондот, Фатон Ахмети.
Ахмети претходно денес на социјалните мрежи информираше за оставката, образложувајќи дека ќе се фокусира на партиските обврски, со максимална посветеност во остварувањето на визијата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Со директорите на училиштата и градинките договоривме конкретни мерки, дератизација, дезинсекција и дезинфекција на сите училишни објекти
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денес одржа работна средба со директорите на основните училишта и градинките, на која беа договорени конкретни активности за одржување на хигиената во образовните установи на највисоко ниво.
Договорено е во текот на викендот да се спроведе повторна дератизација, откако веќе имаше една пред изборниот процес. Веднаш потоа ќе следат дезинсекција и дезинфекција на сите училишни и предучилишните објекти.
„Ова што денеска го договоривме се реализира согласно усвоените кризни мерки на Општина Центар за справување со потенцијални епидемии, заразни болести и појава на глодари опасни по здравјето, а во рамки на актуелната состојба со сметот“ посочи Герасимовски.
Планот, освен дератизација, предвидува темелна дезинфекција и дезинсекција на сите простории каде се учи и престојува, вклучувајќи подови, ѕидови и мебел. Ќе се користат сертифицирани и безбедни препарати, согласно упатствата и стандардите за заштита на здравјето на децата и вработените.
Активностите за чистење на воспитно-образовните установи се преземаат во рамки на заштита на здравјето и безбедноста на децата и персоналот, особено во услови на еколошки и здравствени предизвици и појава на глодари, информираат од општината.
Герасимовски истакна дека општината ќе продолжи со редовно следење на состојбата и континуирана соработка со директорите, со цел да се обезбедат хигиенски услови во средини каде престојуваат вработените и децата.
Македонија
Tримесечна специјализирана обука: Лекарската комора го условува продолжувањето на лиценцата на д-р Кузмановски
Комисијата за етички и правни прашања при Лекарската комора го разгледала поднесеното барање за продолжување на лиценцата за работа на докторот Кузмановски, постапувајќи, како што информираат од таму, со најголема сериозност и одговорност.
„Како резултат на констатираните наводи и за да се гарантира заштитата на пациентите и интегритетот на лекарската професија, Комората, покрај законски утврдените услови, донесе одлука за преземање на дополнителни мерки. Имено, беше одлучено дека д-р Кузмановски, за да може неговото барање да биде одобрено, мора да помине тримесечна специјализирана обука под директно водство на ментор. По завршувањето на обуката, докторот ќе подлежи на испит за детална проверка на стручните знаења и способности.
Имајќи во предвид дека Законот за здравствена заштита прецизно ги утврдува условите за издавање, обновување, продолжување и одземање на лиценците за работа, а во моментов не постои судска пресуда или друг правен акт кој би условил одбивање на барањето за одземање на лиценцата, Комората ја користи законската можност да наметне засилен механизам на контрола и едукација“.
Паралелно со ова, како што велат, во Комората тече и сеопфатна процедура поврзана со неговото етичко однесување како доктор.
Комората, додаваат од таму, даде јавна и остра морална осуда за однесувањето на докторот, јасно ставајќи до знаење дека со своето однесување тој ги крши етичките принципи и го нарушува интегритетот и угледот на лекарската професија.
„За да се донесе конечна, издржана и најправедна одлука, Комората ги очекува извештаите на комисиите формирани од Министерството за здравство и Универзитетската клиника за неврологија, кои треба да дадат поширока претстава за професионалниот лик и стручната способност на докторот во целина. Конечната одлука на Комората ќе биде донесена по темелна анализа на сите прибрани докази и извештаи“.
Македонија
Сообраќајна несреќа на патот Македонска Каменица – Делчево, сообраќајот во прекин
Денеска од 12.02 часот на магистралниот пат Македонска Каменица – Делчево, поради случена сообраќајна несреќа, сообраќајот е во целосен прекин, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

