Македонија
АСОМ повторно со писмо до Гир: Владата ги игнорира вашите апели да не се врши злоупотреба на европското знаменце
Асоцијацијата на спортските обложувачници на Македонија (АСОМ), денес вторпат испрати писмо до Делегацијата на Европската Унија во земјата со цел да ја изрази својата загриженост што и покрај апелите на евроамбасадорот Дејвид Гир да не се врши злоупотреба на европското знаменце за скратување на дискусијата при носење важни закони, предлог-измените на Законот за игрите на среќа Владата ги достави до Комисијата за европски прашања во Собранието.
„Нашите апели и заложби повторно не беа сфатени сериозно, а тоа е очигледно бидејќи измените на Законот за индустријата за игрите на среќа се доставени на усвојување. Со тоа Владата, сепак, изврши злоупотреба на европското знаменце со цел да оневозможи јавна расправа за овој важен закон“, се вели во писмото од АСОМ.
Од Асоцијацијата велат дека оваа одлука е во спротивност со принципите на европските интеграции на нашата држава и сериозно задира во надлежноста на пратениците од Комисијата за европски прашања посочувајќи дека Законот за игрите на среќа и забавните игри не подлежи на обврска за усогласување со донесена ЕУ-директива.
„Членките на Европската Унија немаат усогласено и донесено директива, која е правно обврзувачка за членките на Унијата и која истовремено ќе претставува обврска за пристапните членки на ЕУ да ја транспонираат таа директива во сопственото законодавство. Европската Унија има донесено препорака CELEX32014H0478, која се однесува на заштита на потрошувачите и играчите на интернет-игри на среќа и спречување на малолетниците за учество во интернет-игрите на среќа. Предлагачот на законот како основ за означување на текстот на законот со ЕУ-знаменце ја зел оваа препорака, која не е правно обврзувачка за членките на Унијата, а уште помалку за пристапните членки на ЕУ“, велат од АСОМ.
Според АСОМ, означувањето на предлог-текстот на законот со ЕУ-знаменце, заради негово усогласување со препорака на ЕУ, преставува директна злоупотреба на механизмот за усогласување на домашното законодавство со законодавството на ЕУ.
„Членовите на Комисијата не треба да го разгледуваат предлог-законот поради ненадлежност, дополнително, новите измени се косат со Уставот на Република Северна Македонија, односно прекршуваат 4 члена од Уставот. Одлуката на Владата да ја забрани јавната дебата со злоупотреба на ЕУ-знаменце за измените на постојната законска регулатива за индустријата за игри на среќа се коси со европските вредности. Токму тие европските вредности ѝ се потребни на самата земја за да има модерно, стабилно, развиено општество, кое ќе ја води нашата држава кон членство во ЕУ“, посочуваат во писмото од АСОМ.
Асоцијацијата реагира дека Владата во овој случај го скратува правото на дебата, т.е. демократското носење одлуки и правните процедури. Од АСОМ посочуваат дека тоа се коси со европските нормативи и Владата, наместо да се стреми во нашата држава да има европски институции, свесно создава неефикасни, кои не ги штитат граѓаните и бизнис-секторот во земјата.
АСОМ во писмото побараа средба со евроамбасадорот Дејвид Гир со цел лично да го информираат за злоупотребата и недемократскиот пристап на Владата кон индустријата на игри на среќа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

