Македонија
АСОМ: Податоците од играчите се чуваат само до моментот кога ќе се плати данокот на личен доход
Асоцијацијата на спортските обложувалници на Македонија (АСОМ) реагира на наводите на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) за наводно перење пари и злоупотреба на лични податоци во спортските обложувачници.
Од таму велат дека податоци за играчите во обложувачниците се земаат од играчите како би се задржал данокот на личен доход во висина од 15 % од сите добитни тикети.
Овие податоци, велат од АСОМ, се земаат во име и за сметка на државата, а средствата се уплатуваат на дневно ниво во државната каса.
„Обложувачниците немаат никаква потреба дополнително да ги обработуваат овие податоци и тие се користат исклучиво за плаќање на данокот на личен доход од 15 % во име и за сметка на државата и за ниту една друга намена. Пред наметнувањето на оваа давачка спортските обложувачници никогаш не побарувале податоци или обработувале податоци од играчите, ниту имаат потреба од нив“, се наведува во реакцијата.
Дополнително, велат од АСОМ, ДКСК во изјавата неосновано споменува перење пари, без никакво образложение за тоа.
„Нагласуваме дека не може да постои перење пари доколку за исплатените средства е пресметан и платен данокот на личен доход. Обложувачниците уште од 2012 година се поврзани на Надзорниот информациски систем (НИС) на кој се евидентираат во реално време сите уплатени и исплатени тикети, со што евентуалната манипулација е сведена на нула. Освен на НИС, обложувалниците се поврзани и со Управата за финансиско разузнавање (УФР), до која се доставуваат податоци за уплати и исплати. Во согласност со ова, сакаме да констатираме дека државата предвидела ефикасен механизам за контрола на работењето на обложувачниците без можности за грешки“, велат од АСОМ.
Во однос на личните податоци на играчите, од таму велат дека земените податоци од играчите се чуваат само до моментот кога ќе се плати данокот на личен доход, а тоа е на дневно ниво и до нив пристап има само обучен кадар, кој работи во согласност со посебни протоколи и во согласност со позитивните законски прописи за Заштита на личните податоци.
„Податоци за играчите во обложувачниците може да се појават само и исклучиво ако играчот дојде да подигне исплата за тикет и ја приложи својата лична карта на увид, од која се запишуваат потребните податоци според Законот за личниот доход. Не може податок за некој играч да се појави доколку лицето никогаш не остварило добивка и не оставило свои податоци при подигнување исплата на тикет. Асоцијацијата на спортските обложувачници на Македонија со жалење констатира дека ваквите информации ја доведуваат јавноста во заблуда и директно влијаат врз кредибилитетот на целата гранка. Ги повикуваме институциите на системот во целост да ги истражат отворените сомнежи, пред сѐ, во интерес на спортските обложувачници што работат во согласност со сите законски прописи во државата и немаат апсолутно никаков интерес од какви било финансиски малверзации и/или злоупотреба на лични податоци“, се наведува во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

