Македонија
АСОМ: Целосно го отфрламе новиот предлог-закон за игри на среќа
Асоцијацијата на спортските обложувачници (АСОМ) најостро реагира на тоа што Владата веќе 10 дена го крие Законот за игри на среќата од оние што се најзасегнати од него и покрај сите апели, упорно избегнува дијалог.
АСОМ будно ги следи информациите на оваа тема, кои медиумите ги откриваат и ги отфрла како целосно неприфатливи новите предлог-измени на Законот за игри на среќата, кои Владата на РСМ ги усвои. Овој закон содржи регулативи, кои со сигурност значат згаснување на една цела легална гранка, цут на сивата економија и оставање на улица 10.000 вработени.
Како апсолутно неприфатливи ги дефинираме: дислокацијата на нашите објекти, забраната за приредување игри на среќа на интернет, зголемувањето на давачките и надоместоците, како и измените на законот, кои имаат можност да задираат во веќе постојни лиценци.
1. Како прво, сакаме да истакнеме дека АСОМ нема да дозволи воведување оддалечување на објектите за игри на среќа кои се претставуваат како наводна „заштита, унапредување или регулација“на индустријата, а кои имаат цел да затворат една цела легална гранка. Ваквите решенија се спротивни на сите меѓународни и ЕУ-стандарди. Актуелниот закон има строга регулација во однос на заштита на малолетни лица, која може да се унапреди преку дополнителни ефикасни методи на превенција, едукација и засилена контрола.
2. Исто така, АСОМ со сигурност нема да прифати каков било нов закон или измени што се носат на недемократски начин без јавна расправа, со кои ќе се забрани приредување посебни игри на среќа преку интернет. Новото законско решение не им дозволува на постокните лиценцирани приредувачи на игри на среќа да приредуваат посебни игри на среќа преку интернет, со што официјално се монополизира приредувањето игри на среќа преку интернет, а ексклузивното право на тоа ѝ припаѓа на државата.
Апелираме дека игрите на среќа на интернет се истите игри на среќа што веќе се приредуваат во лиценцираните објекти непосредно на терен, а интернетот како медиум никој нема право да го монополизира. Пазарот мора да се либерализира и да овозможи приредување посебни игри на среќа преку интернет, со соодветни процедури, како што е пракса во светот.
3. Категорично одбиваме да прифатиме и промени и решенија, каде што посебните давачки и надоместоци се зголемуваат енормно и несразмерно, а со тоа и директно се рефлектираат на економската одржливост на нашиот бизнис. Во согласност со објавените информации, со новите законски измени се зголемува надоместокот за издавање лиценца за обложувачница на 200.000 евра, а за секое следно уплатно-исплатно место приредувачот плаќа надоместок во износ од 10.000 евра.
Цврсто сме убедени дека зголемувањето не е направено врз база на реални финансиски анализи и, според нас, тоа ги преминува сите граници и се врши со задни намери, кои повторно водат до згаснување на нашата индустрија.
4. Најостро ќе реагираме на евентуални предлози и измени во законот, кои во согласност со нашите искуства од претходните законски решенија имаат можност да задираат во веќе постојни лиценци. Врз база на овие лиценци приредувачите на игри на среќа ги изработиле своите пресметки и финансиски планови. Сакаме да потенцираме дека лиценците имаат точен рок на траење и каков било упад во наметнати давачки за време на траењето на лиценцата е противуставно и надвор од секоја логика и европска пракса.
Предупредуваме дека промените може да имплицираат правни постапки за отштета и заштита на права на приредувачите што работат според лиценци со однапред поставени услови. Секоја промена во законот, особено во делот на финансиските импликации, мора да почнува со истекувањето на старата лиценца, односно со почетокот на новата лиценца.
Во предложените измени исто така се посочува на потребата од зајакнување на доказите потребни за издавање лиценци, како и прецизирање на тоа дека едно трговско друштво со една лиценца приредува еден вид игра на среќа.
Апелираме дека сите овие наведени штетни законски регулативи значат затворање на нашата индустрија и враќање во деведесеттите кога дивите игри на среќа организирани во подруми и нелегални објекти ќе бидат секојдневие. Со згаснување на нашата индустрија сериозна штета ќе претрпи и државната каса, што значи 250 милиони евра годишно помалку пари во буџетот.
Ја потсетуваме Владата дека злоупотребата на европското знаменце при носење на овој закон ја информиравме и Делегацијата на Европската Унија во земјата, од каде што добивме официјален допис во кој тие апелираат европското знаменце да се користи само кога се работи за специфични закони, кои се поврзани со европското законодавство и во никој случај да не се користи за да се намали дискусијата за важни закони.
Уште еднаш ги повикуваме надлежните да не го кријат законот, да ги слушнат нашите апели и како што ѝ прилега на една демократска земја, чија иднина е Европската Унија, да отворат пат за дебата со цел заедно да донесеме конструктивен закон прифатлив за сите засегнати страни.
Остануваме на ставот дека ќе ги преземеме сите правни механизми и законски можности да го спречиме донесувањето на овој штетен закон, кој ќе донесе сериозни последици за целата држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

