Македонија
АХВ заплени небезбедна храна со непознато потекло по спроведен вонреден инспекциски надзор
По добиена пријава, со интервенција од Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе вонреден инспекциски надзор на возило во кое се превезувало храна со непознато потекло, на подрачјето во општина Чучер-Сандево.
При извршениот надзор пронајдени се 1.060 килограми кршени ореви и 581 килограми кикирики во зачинета обвивка, во рефус состојба, без идентификација и без потребни информации за потрошувачите. Во рамки на истата пратка со надзорот најдени се и 900 килограми индиски ореви, со декларација, извести АХВ.
„Бидејќи производите биле без соодветна документација за потекло и квалитет, согласно Законот за безбедност на храна, затекнатите количини се прогласени за небезбедни и истите ќе бидат нештетно уништени. Против лицето затекнато при контролата, поведена е прекршочна постапка за пуштање во промет на небезбедна храна, односно, заради пуштање во промет на храна од страна на нерегистриран оператор и немање на потребни информации за потрошувачите.
На сторителот изречена му е глоба од 600 евра во денарска противвредност“, соопштуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство и додаваат дека ќе продолжат со спроведување засилени контроли на терен, со цел спречување на пласман на небезбедна храна и заштита на здравјето на потрошувачите.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Андоновска: СДС под контрола на Заев и Филипче ја уништија партијата, време е за вистинска опозиција
По катастрофалните резултати од изборите, повеќе нема дилеми дека СДС е во целосен пад. Трета партија во државата и петта во Скопје. Ова не е случаен резултат. Ова е директна последица на раководството на СДС и Венко Филипче, кој очигледно и натаму работи под диригентската палка на Зоран Заев, вели Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.
Филипче, додава таа, наместо да ја реформира СДС, ја претвори партијата во негов приватен проект под влијание на Заев, народот го препозна тоа и ги казни.
„Со само шест освоени општини, едвај 126 илјади гласови и околу 230 советници, СДС го доживеа најголемиот изборен пораз во својата историја.
И по овие резултати, во СДС нема ниту реформи, ниту одговорност. Само лажни искази дека ја примиле пораката и дека ќе има промени. Затоа, време е СДС да се соочи со вистината дека Филипче мора да си замине, партијата мора конечно да се дистанцира од Зоран Заев и да направи вистински реформи“.
Македонија и ВМРО-ДПМНЕ, оценува Андоновска, мора да имаат опозиција која ќе биде конструктивна, одговорна и ќе придонесува за државата, а не арогантна и деструктивна партија која мисли само на личните интереси.
Македонија
Градоначалничката на Кисела Вода Стаменкоска-Трајкоска со акција за пошумување
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, денес учествуваше во акција за пошумување, организирана од Општина Кисела Вода, во непосредна близина на Паркот на шахот, во населбата 11 Октомври – Бараки. Во рамките на активноста беа засадени дваесет нови дрвја, како почеток на серија акции за дополнително зазеленување и унапредување на животната средина во општината.
Дрвјата се донација од Централна кооперативна банка АД Скопје, која со овој чин уште еднаш ја покажа својата општествена одговорност и поддршка за еколошките иницијативи на локалната самоуправа. Дел од вработените во банката денес беше заедно со градоначалничката на терен, придонесувајќи кон реализацијата на оваа значајна акција, велат од општината.
-Со денешната активност ја потврдуваме нашата заложба за континуитет во создавањето поубава, позелена и почиста Кисела Вода. Пошумувањето и уредувањето на зелените површини ќе бидат еден од моите приоритети во управувањето со општината, бидејќи зеленилото значи подобар квалитет на воздухот, поубава околина и поздрав живот за нашите сограѓани. Благодарна сум на Централна кооперативна банка АД Скопје што го препозна значењето на оваа иницијатива и даде свој придонес кон позелената иднина на нашата општина. Ваквите партнерства се од големо значење. Кога институциите, компаниите и граѓаните делат исти вредности, резултатите се видливи и трајни- изјави Стаменкоска-Трајкоска, додавајќи дека посветеноста на хигиената, уредноста и зачувувањето на јавните површини ќе оди рака под рака со нови проекти за пошумување, создавање мини паркови и ревитализација на постојните зелени зони.
Македонија
Кожуф добива нова зимска атракција – патека долга 1200 метри
Во Ски-центарот „Михајлово“ се гради нова скијачка патека долга 1200 метри, на надморска височина од 1400 метри, заедно со нов ски-лифт и уште две дополнителни ски-стази.
Според градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, овој проект претставува силен развоен чекор за зимскиот туризам и планинските спортови во регионот, а Кавадарци ќе стане задолжителна зимска дестинација.
Отворањето на новата патека е планирано за 1 јануари 2026 година, со што Кожуф добива „нова зимска енергија“, напиша Јанчев на својот профил на „Фејсбук“.

