Македонија
АХВ: Македонските граѓани јадат безбедна храна
Македонските граѓани јадат безбедна храна од домашно производство и од увоз, а таа редовно се контролира од страна на официјалните ветеринари и инспекторите за храна, реагира Агенцијата за храна и ветеринарство на обвинувањата на дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, дека половина година Македонците јаделе непроверена храна.
„Дилетантски и неосновани се обвинувањата на дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, изнесени на денешната прес-конференција, со која се обиде да внесе страв кај граѓаните дека јадат небезбедна храна, свесно неосновано обвинувајќи ја Агенцијата за храна и ветеринарство дека од јуни до ноември минатата година, поради неспроведување мониторинг на безбедноста на храната, не се вршеле никакви проверки на нејзината безбедност“, велат од АХВ.
Од таму наведуваат дека минатата година и во посочениот временски период од увоз и од домашното производство и промет земени и лабораториски биле испитани биле вкупно 6.929 мостри само од храна од животинско потекло. Дополнително, велат од Агенцијата, од увоз испитани се и 376 мостри од храна од животинско потекло, храна за животни и нуспроизводи од животинско потекло.
„Трипуновски досега требаше да научи дека официјалните контроли се основа за контрола на безбедноста на храната и инспекциските служби на АХВ секојдневно ги спроведуваат. Мониторинг-програмите за безбедност на храната се испитувања што се вршат покрај официјалните контроли и претставуваат само поширок показател и основа за анализирање на ризикот и база за планирање на спроведувањето на официјалните контроли. Како одговорна институција за безбедноста на храната, храната за животни и здравјето на потрошувачите, апелираме Трипуновски, место неосновано да обвинува и застрашува граѓаните дека јадат небезбедна храна, да научи што е мониторинг, а што официјални контроли. Официјални контроли Агенцијата спроведува секојдневно, во текот на целата година, а мониторингот може и се спроведува во кој било период од годината. Постапките за јавните набавки за вршење лабораториски испитувања на безбедноста на храната од животинско и неживотинско потекло Агенцијата за храна и ветеринарство ги има почнато уште во февруари и тие се завршени во согласност со законските процедури“, се наведува во реакцијата.
Агенцијата апелира до граѓаните да им веруваат на институциите што се грижат за безбедноста на храната и храната за животни и да не подлегнуваат на, како што велат, лажните политикантски обвинувања со кои кај нив неосновано се креира страв и паника дека јадат небезбедна храна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

