Македонија
АХВ почнува со активности за одобрување на комерцијалните превозници на животни
Агенцијата за храна и ветеринарство од почетокот на идната година почнува со спроведување активности за одобрување на комерцијалните превозници на живи животни. Станува збор за активности што треба да се реализираат во согласност со одредбите за заштита и благосостојба на животните за време на превоз од Законот за заштита и благосостојба на животните и Правилникот за заштита и благосостојба на животните за време на превоз.
„Со одобрувањето на превозниците, опфатени ќе бидат комерцијалните превозници за кратки патувања, оние кои превезуваат животни подолго од 65 километри во еден правец, а времетраењето на патувањето е пократко од 8 часа, како и превозниците кои вршат комерцијален превоз на живи животни на долги патувања, времетраењето на патувањето е подолго од осум часа. Возачите и надзорниците на патувањето за кратки и долги патувања неопходно е да поседуваат и уверение за компетентност, документ што ќе го издава Центарот за благосостојба на животните при Факултетот за ветеринарна медицина Скопје, врз основа на спроведена обука и положен испит за превоз на живи животни“, велат од АХВ.
Комерцијалните превозници за долги патувања, покрај одобрението за превозници за долги патувања, неопходно е да поседуваат и одобрение и за превозно средство, сертификат за превозното средство, документи кои ќе ги издава Агенцијата за храна и ветеринарство, врз основа на спроведена контрола на документацијата и извршената контрола на самото превозно средство од страна на стручна комисија од Агенцијата за храна и ветеринарство и официјалните ветеринари.
Одобренијата за превозници за кратки и долги патувања, одобрението за превоз за долги патувања, како и уверението за компетентност на возачите и надзорниците на патувањето се со рок на важност од 5 години.
Одгледувачите на животни кои вршат превоз на своите животни, со сопствени превозни средства, на релации кои се пократки од 50 километри во еден правец, во случај на миграција на животните, како и при директен превоз на животни од или кон ветеринарно друштво по препорака од страна на доктор по ветеринарна медицина, не е потребно да бидат одобрени како превозници, но во секој случај треба да бидат исполнети општите барања за превоз на животните согласно со Законот за заштита и благосостојба на животните.
Информациите за постапката за одобрување на превозниците сe објавени на веб-страницата на Агенцијата за храна и ветеринарство www.fva.gov.mk.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Прекин на патот Македонски Брод – Скопје поради одрон
Поради одрон патот Македонски Брод – Скопје е во прекин.
„Во 08:40 часот на регионалниот пат Македонски Брод-Скопје, поточно кај резерватот Јасен сообраќајот е во прекин поради одрон на патот“, информира АМСМ.
Македонија
ЦУК: Добиени се повеќе пријави за свлечишта и одрони на патот
Во текот на вечерните и утринските часови, како последица на обилните врнежи кои го зафатија западниот и југозападниот дел, на единствениот повикувачки број за итни повици 112 се добиени повеќе пријави за свлечишта на земја и одрони на патот, поточно кај местата Дебар-Струга кај местото Џепчиште и кај патот Кичево – Охрид кај место Извор, известија од Центарот за управување со кризи.
Оперативниот центар при ЦУК веднаш стапи во контакт со дежурните служби на Македонија пат, кои веднаш се вклучија во отстранување на свлечиштата и одроните кои предизвикуваа опасност по сообраќајот, додаваат од ЦУК.
Македонија
„Влен“: НАИ како коалиција без кауза веќе се распаѓа
„Коалицијата НАИ, изградена без кауза, без визија и без јасна политичка ориентација, влегува во фаза на неизбежно распаѓање. Она што се случи вчера со заминувањето на АА на Зијадин Села и заминувањето на Кренар Љога од оваа коалиција јасно ја покажува длабоката внатрешна криза, недостатокот на кохезија и неуспехот да се изгради одржлива политичка понуда“, велат од „Влен“.
„Нивниот континуиран недостаток на координација веќе стана модел на неуспех, не само што не успеваат да обликуваат заедничка насока, туку секој ден докажуваат дека оваа коалиција функционирала само како засолниште за тесни лични интереси, а не како политички проект за Албанците.
ВЛЕН останува единствената консолидирана сила, со програма, со визија и со јасна структура за градење држава. Додека НАИ се распаѓа дел по дел, граѓаните и важните политички личности се враќаат таму каде што се наоѓа стабилност, сериозност и вистинска перспектива.
ВЛЕН ќе продолжи да работи одговорно и транспарентно, заштитувајќи го општиот интерес и градејќи сигурна иднина за граѓаните, додека други ќе се справуваат со распаѓањето на коалиција која никогаш немала своја кауза“, се наведува во соопштението на „Влен“.

