Македонија
АХВ по контролата во ЗОО Скопје соопшти: Месото од закланите коњи ќе се уништи

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вчера попладне спровеле вонреден инспекциски надзор во ЈУ Зоолошка градина на Град Скопје по добиената информација од Министерството за внатрешни работи (МВР) и медиумите дека таму нелегално се заклани десетина коњи, чие месо ќе се користи за исхрана на дивите животни.
„Со контролата утврдено е дека во објект кланица со комора во Зоолошката градина, кој не е одобрен од Агенцијата за храна и ветеринарство, заклани се десет копитари, без соодветна документација, односно со непознат здравствен статус, неидентификувани и нерегистрирани и без соодветен документ за движење иако тие на Зоолошката градина ѝ се отстапени на чување во соодветни услови од страна на Управата за извршување санкции при КПУ- КПД ‘Идризово’“, соопштија од Агенција за храна и ветеринарство.
Од таму информираат дека „во депото затекнати се и две живи животни, во фрижидерите во склоп на кланичниот објект најдени се мрши од закланите животни во вкупна количина од 1.286 килограми и 100 замрзнати пилиња. Бидејќи месото од закланите копитари потекнува од неидентификувани и нерегистрирани животни со непознат здравствен статус, кои се заклани во неодобрен објект, Агенцијата за храна и ветеринарство издаде решение и нареди нештетно уништување на небезбедното месо на депонијата „Дрисла“.
„За сторените прекршоци, против правното лице ЈУ Зоолошка градина на Град Скопје и одговорното лице во него, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе изрече соодветни казни во согласност со Законот за ветеринарното јавно здравство, Законот за безбедност на храната, Законот за заштита и благосостојба на животните и Законот за идентификација и регистрација на животните“, соопштија од АХВ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Хуманитарен пикник за вработените во „Алкалоид“: Донирани околу 1,8 милиони денари за лицата во третата доба

Поттикнати од вредностите кои ја обликуваат корпоративната култура на „Алкалоид“, преточени во хуманост, солидарност и во грижа за заедницата, над 4.000 вработени, членови на нивните семејства и пријатели на компанијата ја продолжија хуманата мисија, која единаесетти пат се спроведува под закрила на Фондацијата „Трајче Мукаетов“.
Хуманоста е силата што ги подигнува луѓето, оваа година визуализирана преку симболиката на балон со топол воздух, илустриран на специјално дизајнираните маички за овој повод, преку кои вработените на „Алкалоид“, членовите на нивните семејства и/или нивните пријатели собраа околу 1,8 милиони денари, кои ќе му бидат донирани на Црвен крст на Град Скопје, а ќе се наменат за поддршка на социјалните сервиси за стари лица.
„Постарите лица, чија мудрост и животно искуство заслужуваат почит, внимание и поддршка, се вреден дел од општеството. Со нашата помош на активностите и иницијативите на Црвен крст на Град Скопје насочени кон социјалните сервиси за лицата во третата доба, веруваме дека заедно можеме да создадеме услови староста да биде период исполнет со достоинство, сигурност и човечка топлина. Хуманоста е силата што ги подигнува луѓето, а токму затоа преку оваа поддршка сакаме да им помогнеме на постарите лица да се издигнат над предизвиците и да имаат поисполнет и поквалитетен живот“, истакна Живко Мукаетов, Генерален директор/Претседател на УО на „Алкалоид“ и Претседател на Фондацијата „Трајче Мукаетов“.
Секретарот на Црвен крст на Град Скопје (ЦКГС) Сузана Тунева-Пауновска истакна: „Една од мисиите на ЦКГС е да им помогне на лицата во третата доба да имаат достоинствена и безбедна старост. Нивните предизвици се големи – осаменост, намалена мобилност или финансиски тешкотии – но затоа сме тука ние. Преку домашните посети, уредот Итно копче, санитетскиот транспорт и преку дневните центри за активно стареење им овозможуваме поддршка, сигурност и соодветна грижа. Но, оваа наша мисија не би можела да се реализира без силни и посветени партнери. Со ’Алкалоид’ знаеме дека не сме сами – нивната поддршка ни овозможува да продолжиме со поголема храброст и енергија и да реализираме повеќе активности, акции и
иницијативи. Заедно можеме повеќе!“.
Во насока на вредностите кои ја обликуваат корпоративната култура на „Алкалоид“, преточени во
хуманост, солидарност и грижа за заедницата, компанијата има воспоставено долгогодишно
хуманитарно партнерство со Црвен крст, поддржувајќи ја оваа хуманитарна организација како во
делот на социјално-хуманитарната дејност и справувањето со кризи и катастрофи така и на полето на крводарителството.
Првиот хуманитарен пикник на „Алкалоид“ под закрила на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ е
одржан на 3 септември 2011 година.
Македонија
Алиу вели дека во здравството се реализирани над 1.250 вработувања во рекордно време

Министерот за здравство Азир Алиу ги поздрави учесниците на синдикалната школа организирана од Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија.
Како што информираат од Министерството за здравство, Алиу истакнал дека ја реафирмира заложбата за синдикатите како искрен партнер во градењето на подобар здравствен систем.
– Особено инспиративна е темата „Синдикализам во здравството: правата не се даваат – се освојуваат“, па оттука сакам да ја реафирмирам нашата заложба дека синдикатите се наш искрен партнер за подобар здравствен систем. Сакам да ве охрабрам за уште позајакната соработка, мојот кабинет е секогаш отворен за сугестии, идеи, забалешки, бидејќи заедно сме уште подобри, вели Алиу.
Во соопштението се наведува дека се реализирани над 1.250 вработувања во рекордно време и дека е спроведен процесот за вработување приватни специјализанти, со што е решен, велат, деценискиот егзистенцијален проблем на оваа категорија здравствени работници.
– Министерството за здравство покажува дека го почитува достоинството на сите медицински лица. Воедно, останува отворено за натамошна соработка со синдикатот. Заеднички продолжуваме да ги решаваме сите отворени прашања и предизвици, со цел да излеземе во пресрет на здравствените работници, и секако на пациентите, стои во соопштението.
Македонија
Претседателката се среќава со најниско рангираниот дипломат во САД, обвини Филипче

Претседателот на СДСМ Венко Филипче, на денешната регионална конференција „Еден регион. Една визија. Една иднина“, во организација на Институтот Прогрес, истакна дека под водство на актуелната власт, се случува досега невиден дипломатски дебакл.
-Тотална дипломатска изолација на состанокот во ОН, претседателката се среќава со најниско рангираниот дипломат од Соединетите Американски држави. Ваков дебакл дипломатијата до сега нема доживеано, рече тој.
Филипче го опиша ова како симболична, но многу сериозна потврда за тоа каде се наоѓа денеска државата на меѓународната сцена. Според него, Македонија од земја што беше призната и поддржана од клучните стратешки партнери, денес е држава што единствено добива внимание на маргините, без реално политичко влијание, без сериозни разговори и без почит.
-Се сѐ сведува на правење селфија со некои дипломати по ходниците на големите светски институции, рече Филипче, додавајќи дека патот кон НАТО и ЕУ не бил лесен и не бил без политичка цена, но дека тој пат вредел и бил правилен.
Во продолжение од обраќањето, Филипче истакна дека разликата меѓу поранешната и сегашната власт е токму во тоа што СДСМ секогаш го ставала интересот на државата пред партиските калкулации.
-И сега тоа е само еден дополнителен поттик да се бориме и да им кажеме на граѓаните дека нашите политики беа добри, беа во интерес на државата, на граѓаните, не водевме сметка, не ставаме на кантар дали ќе изгубиме дел од својот политички рејтинг, затоа што вредеше државата да оди напред, да се реши деценискиот проблем со името, да станеме земја членка на НАТО, рече лидерот на СДСМ.
Филипче посочи дека со оваа актуелна власт европскиот пат е запрен, институционално и суштински, потенцирајќи дека оваа влада не сака да го продолжи европскиот пат.
Како што нагласи, недостасуваат лидерство, храброст и визија за иднината на државата, а власта бега од тешките одлуки и ги сведува сите надворешни ангажмани на површна слика за јавноста без реална содржина.