Македонија
АХВ со совети до граѓаните: Ако ве касне куче или маче, веднаш јавете се на лекар
Доколку граѓанин го касне или изгребе куче или мачка, веднаш треба да се јави во најблиската здравствена установа за лекување на повредите, апелира Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Ако, пак, животното е со познат сопственик, веднаш треба да пријави телефонски до надлежниот официјален ветеринар од општината каде што се случило каснувањето.
На интернет-страницата на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) www.fva.gov.mk, објавена е листата на официјални ветеринари и општините кои се надлежни да постапат во ваков случај.
Пријава за каснувањето/гребењето може да се поднесе и преку архивата на подрачната единица на АХВ, преку архивата на дирекцијата на Агенцијата за храна и ветеринарство (ул. Трета македонска бригада бр. 20, Скопје) или на службената електронска адреса на Агенцијата ([email protected]). Исто така, пријава може да се поднесе и преку најблиска ветеринарна амбуланта – клиника или полициска станица.
Во прилог на пријавата, граѓанинот потребно е да ги достави личните податоци за контакт, соодветна медицинска документација која ја добил од здравствената установа во која се јавил за лекување на повредите настанати од каснувањето или гребење од куче или мачка, локацијата каде се случил настанот и детален опис на животното од кое каснат. Во спротивно, пријавата ќе биде отфрлена како неоснована.
По добивање на пријавата, надлежниот инспектор – официјален ветеринар дава налог кучето или мачката да се стави под официјален надзор (набљудување – опсервација од страна на доктор по ветеринарна медицина 15 дена со 3 клинички прегледи), а по завршување на опсервацијата се издава Сертификат за надзор на беснило со кој се потврдува здравствениот статус на животното.
Доколку се работи за каснување од бездомно куче или мачка, оштетеното лице случајот треба да го пријави во Секторот за инспекциски работи во локалната самоуправа, покрај горенаведената процедура за пријавување, граѓанинот може да пријави и до надлежното прифатилиште за општината.
Прифатилиштето, по службена должност го известува надлежниот официјален ветеринар дека има пријава за каснување од куче или мачка.
Во прилог на пријавата граѓанинот потребно е да ги достави личните податоци за контакт, соодветна медицинска документација која ја добил од здравствената установа во која се јавил за лекување на повредите настанати од каснување или гребење од куче или мачка, локацијата каде што се случил настанот, детален опис на животнотото од кое е каснат. Многу е важно при поднесување на пријавата колку е можно попрецизно да се опише животното (најдобро е да се достави и слика од животното), како и прецизна локацијата на настанот за да може тоа што е можно побрзо да се пронајде и залови. Заловувањето го врши надлежното прифатилиште за општината каде што се случил настанот.
На интернет-страницата на Агенцијата објавен е и список на одобрени прифатилишта од АХВ и општини за кои се овластени да вршат активности за контрола на кучиња.
По заловување на животното, прифатилиштето е должно да го информира надлежниот инспектор – официјален ветеринар, кој дава налог кучето или мачката да се стави под официјален надзор (набљудување-опсервација од страна на доктор по ветеринарна медицина 15 дена со 3 клинички прегледи), а по завршување на опсервацијата докторот по ветеринарна медицина издава Сертификат за надзор на беснило со кој се потврдува здравствениот статус на животното во однос на оваа болест.
Доколку животното е обележано со ушна маркица или микрочип, може да се утврди дали истото е вакцинирано редовно против болеста беснило или не. Доколку е редовно вакцинирано, докторот по ветеринарна медицина од прифатилиштето дава потврда дека кучето или мачката е вакцинирано против беснило, а постапката за набљудување продолжува во прифатилиштето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со оружје, стотици парчиња муниција и импровизирани направи во возилото, Италијанец се обидел да ја помине границата на Табановце – приведен е
На Граничниот премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го привеле С.В. (45) од Италија.
При гранични проверки и контрола на возило со италијански национални ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени осум импровизирани направи со игла за активирање на непозната муниција, пиштол калибар 22, шест кутивчиња со по 100 парчиња муниција, едно кутивче со 200 парчиња муниција, едно кутивче со 60 парчиња муниција, како и други предмети.
По наредба на јавен обвинител, лицето е задржано во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
Левица ја повика Сиљановска-Давкова да не го потпишува законот за продолжување на легализација на дивоградби
Партијата Левица ја повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпише новиот закон со кој се продолжува рокот за легализација на дивоградби.
Од Левица посочуваат дека претседателката претходно, како пратеник, јавно укажувала дека етички и правно е невозможно да се повикува на владеење на правото, а истовремено да се носат закони со кои се уредува правниот статус на бесправно изградени објекти.
Собранието го продолжи рокот за легализација до 3 март 2031 година, наместо претходниот рок 3 март 2026 година, со што, како што велат од Левивца, процесот од временски ограничена мерка станува подолгорочна пракса.
Партијата оценува дека секое ново пролонгирање испраќа порака дека прекршувањето на законот ќе биде наградено со легализација, додека граѓаните кои градат согласно прописите остануваат изиграни.
Во соопштението се наведува дека ваквиот пристап ја поткопува правната сигурност и довербата во институциите, како и дека наместо зајакнување на инспекциските и урбанистичките механизми, државата избира модел на амнестија.
Партијата останува на ставот дека прашањето со дивоградбите треба да се решава системски, со јасна разлика меѓу социјалните случаи и, како што наведуваат, профитерската злоупотреба, и ја повикува претседателката да не го потпише законот.
Македонија
Дебар Маало доби 24-часовна бесплатна Wi-Fi мрежа, наскоро и во Капиштец
Општина Центар, во рамки на проектот EU4Digital, обезбеди бесплатна Wi-Fi зона во Дебар Маало, поточно на улицата Боемска и на скверот пред Општината.
Согласно програмата, наскоро се предвидува поставување слободни интернет зони (Wi-Fi) и во Капиштец, со што граѓаните ќе имаат полесен пристап до дигитални услуги и информации на отворено.
Користењето на Wi-Fi зоните е достапно 24 часа, седум дена во неделата, бесплатно и без лозинка, со вградени безбедносни ограничувања за заштита на корисниците.
„Општина Центар е лидер во дигитализацијата на општинските услуги. Воспоставувањето на слободни интернет зони е пример како треба да функционира една современа општина, со безбедни и модерни јавни простори и отворен пристап до информации и дигитални услуги за сите граѓани“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Овие слободни Wi-Fi зони се наменети за жителите, посетителите и туристите, за кои централното подрачје претставува една од најпривлечните и најатрактивните дестинации во Скопје.

