Македонија
Ахмети: Албанците се гордеат со кадрите на ДУИ
Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) синоќа од Липково продолжи со предизборен собир во Куманово каде што ја презентираше изборната програма и листата на кандидати за советници во оваа општина предводена од Арта Мехмети Адеми.
На присутните во Куманово им се обратија претседателот на Демократската Унија за Интеграција Али Ахмети, првиот вицепремиер Артан Груби и носителот на листата на кандидати за советници во оваа општина, Арта Мехмети Адеми.
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети во својот говор изрази максимална поддршка за листата на советници за општина Куманово.
„Навистина се чувствувам горд на оваа инвестиција и националното богатство што го направивме во текот на овие 18 години. Нема поголемо задоволство и инвестиција кога ќе ја видите листата составена од професори и квалитетни кадри. Тоа беше сон многу години бидејќи во многу сектори, во многу институции немаше вработени, но барањата се зголемија и ние инвестиравме во националната агенда, во застапеноста на Албанците. Нашите населени места треба да се разубават и развијат како што напредувале земјите од ЕУ“, кажа лидерот на ДУИ, Али Ахмети во Куманово.
Првиот вицепремиер Груби истакна дека предизборното патување започна од Гостивар и продолжи во другите општини како ветер на победата.
„Вие сте апсолутно одлучувачи кој ќе биде следниот градоначалник на Куманово, без наш глас, без ваш глас, ниту советот, ниту градоначалникот нема да бидат избрани. Затоа, не оставајте врата без да тропнете, не оставајте никого без да сретнете, не оставајте работа без да ја направите. Го започнавме ова многу долго изборно патување од Гостивар, за да продолжиме во Тетово, Липково и Дебар во сите други општини каде што има работа пред нас, секаде браќа и сестри мириса на победа, мириса на пресврт, мириса на обновувањето на Демократската Унија за Интеграција “, изјави првиот вицепремиер, Артан Груби.
Носителката на листата кандидати за советници во општина Куманово, Арта Мехмети Адеми потенцираше дека е дојдено време да се грижиме со нашите сили за зелена иднина.
„ДУИ долги години беше посветена за доброто на Албанците што се гледа и се чувствува во многу области. На овие локални избори доаѓаме со Зелената агенда за трансформација на општината и населените места во поразвиени. Дојде време да се грижиме со нашите сили и да ја градиме нашата иднина, за нас и нашите деца “, изјави носителката на листата на кандидати за советници, Арта Мехмети Адеми.
Демократската Унија за Интеграција, денеска ќе ја продолжи изборната кампања во општина Чаир, каде ќе го претстави кандидатот за градоначалник Висар Ганиу и листата на кандидати за советници со носител на листа Сермине Пурини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

