Македонија
Ахмети му напиша писмо и на Мицкоски: „Секое ново нарушување на меѓуетничките односи би имало последици“
Демократска унија за интеграција (ДУИ) информира дека претседателот на партијата, Али Ахмети, упатил официјално писмо до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во врска со одлуките на Уставниот суд.
Од ДУИ велат дека писмото е одговор на сериозните предизвици со кои се соочува Северна Македонија во еден исклучително чувствителен геополитички момент кога секоја нова тензија, како што велат, може да има негативни последици врз меѓуетничките односи и внатрешниот развој.
ДУИ апелира до политичките партии и институции за поголема одговорност и зрелост поттикнувајќи решенија што ќе ги зајакнат соработката и заедништвото, а не поделбите. Од партијата велат дека писмото на Ахмети претставува повик за соработка, заемна почит и конструктивен дијалог.
„Ви се обраќам во исклучително чувствителен период за нашата земја. Геополитичката состојба е поопасна од кога било од крајот на минатиот век, со ескалацијата на руската агресија во Украина, амбициите на Кина, сложената ситуација на Западен Балкан, нестабилноста во Босна и Херцеговина, тензиите меѓу Косово и Србија, како и континуираните блокади од страна на Бугарија. Во оваа комплицирана средина секое ново нарушување на меѓуетничките односи би имало сериозни последици за внатрешната кохезија и предвидливост“, се вели во писмото.
Се додава дека последните одлуки на Уставниот суд се извршување на програмата на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на клучните механизми за заштита на заедниците.
Ахмети вчера испрати писмо и до претседателот и премиерот на Република Албанија, Бајрам Бегај и Еди Рама, петседателката и премиерот на Република Косово, Вјоса Османи и Албин Курти, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, канцеларот на Германија, Олаф Шолц, претседателот на Франција, Емануел Макрон, и до државниот секретар на САД, Ентони Блинкен. Во писмата Ахмети им пиша дека Охридскиот договор е загрозен и повика на заедничка акција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Нема одговор како 5 тони дрога поминале преку граница
Нема одговор како 5 тони дрога поминала преку граница – има вистина дека ВМРО го овозможи бизнисот со канабис, велат од СДСМ.
„Помина една недела од објавата на големиот картелски скандал со 5 тони дрога, запленета во соседна Србија која дошла од Македонија. Сè уште нема одговор како 5 тони дрога поминале преку македонската граница? Кој ќе одговара за овој картелски скандал и кој од власта е вмешан? Бидејќи на сите им е јасно, без поддршка на структури во власта, МВР, Царина, невозможно е 5 тони дрога да се шверцуваат преку граница. СДСМ со денови алармира за поврзаноста на криминални структури во Македонија и во Србија. Власта молчи, исто како што молчи за сликите на Мицкоски со криминалецот Симе. Сега граѓаните гледаат медиумска кампања со заплени на канабис и обиди на власта да дефокусира од главното прашање: кој дозволи 5 тони дрогата да помине преку граница?“, велат од СДСМ.
Од таму велат дека законскиот основ за производство на медицински канабис во Македонија го направиле ВМРО и Никола Груевски со измени на Законот на 9 ти февруари 2016 година.
„Првата лиценца за одгледување медицински канабис во Македонија била издадена во февруари 2017 во време на ВМРО. Производството на канабис почнало во мај 2017. Доколку само поради нивната медиумска кампања и сензационализам, се запленуваат и легални количини државата може да се случи на кај државата да плаќа и отштета. Затоа ова бркање вештерки по компании е фарса а истото се случува и во Србија. Целата кампања повторно ја прават по рецептот на Вучиќ – сè е copy-paste“, велат од СДСМ.
Македонија
„Да се забрани производство на марихуана за наводни медицински цели“, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз бара Парламентот на Македонија по скратена постапка да донесе измена на законите со кои ќе се забрани производство на марихуана (Cannabis sativa) за наводни медициски цели.
„Досега, од 2017 година надлежното Министерство за здравство, во соработка со други институции (Мин.за земјоделство, Меѓуресорската комисија и други) издало 61 лиценца на фирми кои можеле да произведуваат марихуана за медицински цели.
Повеќе од јасно е дека контролата затаила поради што се случија фингирани кражби, пресметки помеѓу нарко-мафијата, заплени на канабис од полицијата итн., но криминалниот бизнис продолжи, бидејќи нарко-мафијата во која беа вклучени и носители на највисоки државни функции од претходната власт се стекнаа со огромна финансиска моќ и политичко влијание“, велат од ДС.
„Демократски сојуз силно ја поддржува акцијата на МВР за заплена на канабисот и инсистира да постапува неселективно и јавно да бидат објавени сопствениците (формални и неформални) на фирмите кои произведуваат канабис, кој и кога ги издал лиценците за производство на канабис итн.
Министерството за здравство во соработка со другите надлежни институции да објави колку количини на канабис се произведени, каде се тие количини (продадени, на залиха, украдени итн.) и колку профит е остварен.
Запленетите 32 тона канабис (5 во Србија и 27 тони во Македонија), тоа е засега гребење по површината на овој нарко-бизнис кој има тешки последици по здравјето на младите генерации, политичката стабилност, владеење на правото и меѓународниот углед на државата.
Бараме да се прошири одговорноста и кон носителите на функции од надлежните министерства кои издавале лиценци и кои затаиле со контролата на спроведување на законите за да се спречат злоупотребите.
Одземените количини се премногу за Балканот, а не за медицинските потреби на Македонија. Очигледно е дека првобитната хумана цел е злоупотребена и затоа се потребни итни законски промени“, соопштуваат од Демократскиот сојуз.
Македонија
Утре без вода делови од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради промена на воздушен вентил на улицата Јустинијан Први (кај мостот), утре прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од село Драчево, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.

