Македонија
Ахмети: Нас нѐ интересираше во Охридскиот договор да има елементи за од кираџии да станеме господари во нашата земја
Нас нè интересираше во договорот да се опфатат супстанцијалните елементи, за од кираџии да станеме господари во нашата земја, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на денешната конференција на тема „По Охрид“, по повод 20 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
Тој вели дека целосно го прифатил договорот и дека најголема тешкотија и за Албанците и за Македонците би била поделбата на државата.
„Поминавме низ најголемите тешкотии, но најголемата тешкотија, што мислам дека ќе беше трагична и за Албанците и за Македонците, ќе беше поделбата на оваа држава. Поинаку е по 20 години, но пред 20 години и оваа опција беше на маса. Јас ќе бидам благодарен на НАТО, Вашингтон, Брисел што најдовме силна поддршка против оваа трагична опција со многу големи последици за нашите граѓани. Тоа беше надминато, ќе им бидам благодарен на овие центри за континуираната поддршка што ја дадоа за спроведување на Охридскиот мировен договор“, рече Ахмети.
Тој вели дека успехот е заеднички на сите.
„Овој успех го споделуваме заедно, локалните власти, политичките партии и меѓународните власти, кои посветено и никогаш не го оставија настрана интересот и помошта за да се направи овој договор да биде спроведлив и функционален. Нас нè интересираше во договорот да се опфатат супстанцијалните елементи, за од кираџии да станеме господари во нашата земја. Јас првично се жалев дека бевме прогонувани, маргинализирани, затворени, тука е Хари. И во еден момент му ги покажав трагите што ми ги оставија тогашните удбаши, а тој ме погледна и рече: ‘Да не те тепаа немаше да бидеш сега на маса за да разговараш со мене… тука ќе го направиме овој чекор, тука мора да го направиме овој чекор’. Дури и Хари е во право дека ако не ги бараме правата и ако не се бориме за слобода, никогаш нема да го најдеме тоа“, рече Ахмети.
Во еден момент, додаде тој, исто така, со висок политичар во земјата, го потврдив она што го потврдивме како студентско движење, но по 2001 година, откако се случија работите.
„И тој вели, Албанците сакаа права, образование, еднаквост, правда, ние ги убивме. И тоа се случи затоа што не беа правилно анализирани нештата. Но, какви беа анализите на случувањата? Ние сме силни, ние сме господари на оваа држава, Албанците беа исклучени од секое движење, Албанците беа исклучени од процесите. Не стигнавме до 21 век барем да го направиме чекорот што го направивме во 1903 година во Илинденското востание заедно Албанците и Македонците, Власите за заедничка држава. Имаме големи историски одговорности дури и како политичка партија за надминување и работа со луѓето за надминување на предрасудите. Во оваа земја сè уште има предрасуди. Сè уште постојат интереси кои се мотивирани од идеологии и земји кои не го сакаат напредокот на нашата земја, туку ги сакаат нивните влијанија“, рече Ахмети.
Според него, нема друга алтернатива освен целосна имплементација на Охридскиот мировен договор, Договорот од Преспа, Договорот за добрососедство со Бугарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Го разбираме револтот и незадоволството: СДСМ го поддржува протестот и барањата на работниците
СДСМ го поддржува протестот на работниците и Сојузот на синдикатите во борбата за достоинствени плати и зголемување на минималната плата, соопштуваат од оваа партија.
„Го разбираме револтот и незадоволството кај работниците и целосно ги поддржуваме нивните барања, за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори.
Граѓаните, работниците живеат тешко, инфлацијата и покачените цени го јадат стандардот на работниците, сиромаштијата расте а платите стојат во место.
Владата на Мицкоски нема пари за зголемување на минималната плата, пари има само за тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер преку општините за друга фирма, 9 милиони евра за тендери со двајца вработени, 1,2 милиони евра за тендери преку Пошта“.
За време на владеењето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
И како опозиција, напоменуваат, СДСМ стои зад работниците.
„СДСМ предлагаше Закон за покачување на минималната плата но власта го одби. Поднесовме законски решенија и амандмани во Собранието за покачување на платите во различни сектори, но власта и тоа го одби.
Обврска на владата е да обезбеди покачување на минималната плата наместо да увезува „економски работници“ а да извезува квалификувани кадри надвор од земјата“.
Македонија
МНР со реакција до Бугарија: Македонија останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности, Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации
Македонското Министерство за надворешни работи реагира на денешното соопштение објавено на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.
„Изразуваме жалење што оваа институција сѐ почесто се позиционира како рецензент на изјави на македонски политички претставници, наместо како партнер во суштински и европски ориентиран дијалог. Воедно, јасно нагласуваме дека ниту имаме намера, ниту потреба да бидеме дел од внатрешнополитичките или изборните процеси во Република Бугарија – ниту преку коментари, интерпретации, ниту преку вклучување во дневнополитички наративи“, се истакнува во соопштението од МНР.
Од таму со повик до бугарските институции да се водат од, како што е наведено, принципите на добрососедство, взаемна почит, предвидливост и институционална комуникација – принципи кои воедно претставуваат темелни европски вредности и стандарди.
„Затоа што Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации.
Република Северна Македонија и понатаму останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности“.
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата
Поради протест на возачите на камиони блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата, соопштуваат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

