Македонија
Без вода дел од општина Центар
Од ЈП „Водовод и канализација “ информираат дека денеска поради отстранување дефект на затворач од водоводна мрежа со пречник Ф-125 мм на улицата „Орце Николов“ бб (кај фонтаната на плоштад „Македонија“), без водоснабдување од 9:00 часот до завршување на интервенцијата, ќе останат корисниците од дел од улиците Орце Николов, Скопска, Никола Кљусев и кеј 13 Ноември, сите во општина Центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Една година од убиството на Вања
Денес се навршува една година од убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје.
Во тек е судскиот процес, кој треба да даде одговори на клучното прашање зошто девојчето беше убиено, и кој се’ стои зад злосторството кое ја вознемири јавноста.
Првообвинет за убиство и грабнувањето е Љупчо Палевски Палчо, а на обвинителската клупа седат и Влатко Кешишев, Велибор Манев и Боре Видоевски, како и Александар Ѓорчевски, таткото на Вања.
Според обвинението, Вања беше киднапирана на 27 ноември 2023 година од влезот на нејзината зграда, а потоа убиена.
Во обвинението се наведува дека на 27.11.2023, обвинетите, помогнати од обвинет родител, извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата Наум Наумовски-Борче во Скопје. Ја врзале и ја однеле во близина на местото наречено Дупки, во атарот на селото Бразда, па таму на свиреп начин со умисла го лишиле од живот малолетното лице.
Обдукцијата покажала дека Вања во десната хемисфера од мозокот имала рана и огнострелен канал од 34 сантиметри кој минувал низ вратот до четвртиот пршлен.
Обвинителите пред два дена соопштија дека имаат материјални докази оти Љупчо Палевски-Палчо е сторител на убиството на Вања и на велешанецот Панче Жежовски.
На рочиштето завчера, обвинетиот Влатко Кешишев го повлече својот писмен исказ доставен минатата недела. Според неговите тврдења, тој бил принуден од првообвинетиот Љупчо Палевски да ја напише изјавата.
„Тоа не беше моја изјава. Ми беше даден текст од Палевски, кој побара да го напишам со свој ракопис. Тоа го сторив бидејќи се плашев од него,“ рече Кешишев пред судот.
Во претходната изјава, сега повлечена, беше наведено дека Љупчо Палевски не бил присутен во времето кога се случило убиството на Вања.
Македонија
ВЛЕН јавно ги прашува ДУИ и Ахмети: Зошто сета оваа носталгија за Груевски
„На Блерим Ќосето Беџети сите дела му излегуваат на мејдан! Срамот почна да го обзема, а сега се обидува да го прикрие она што не може да го прикрие со изговори и алиби. Се обидува да се дистанцира, но неговите вистини излегуваат на виделина!“, велат од ВЛЕН.
„Албанските граѓани очекуваат ДУИ да одговори, не со алиби, туку со факти! Ова дистанцирање на Беџети е промашен театар, изговор за прикривање на една срамна приказна поврзана со враќањето на Никола Груевски.
Али, не молчи, излези и кажи им на граѓаните кои биле причините што те поттикнале да се вклучиш со целото твое битие, и со целата уморна екипа што ја водиш само за да го вратиш пријателот Греувски во Скопје.
Потсетуваме и на јавната изјава на поранешниот претседател Пендаровски дека некои политички експоненти го консултирале за можната амнестија на Груевски. A одговорот кои се тие експоненти може да го даде само Али Ахмети.
ВЛЕН продолжува јавно да ги прашува ДУИ и Али Ахмети: Зошто сета оваа носталгија за Груевски? Што ве спојува? Албанците му веруваа на Али, тој ја злоупотреби оваа доверба и затоа беше казнет. Но, оваа казна не треба да помине само на тоа што е во опозиција. Сè уште талкајќи во дијаспората, на Албанците им должи краток и јасен одговор, што би добиле Албанците доколку Груевски се врати во земјава?
Али, немој да се двоумите и не се плаши бидејќи немате што повеќе да изгубите!“, соопшти ВЛЕН.
Македонија
Муцунски и специјалниот претставник на Германија, Сарацин разговараа за евроинтерграциите
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со специјалниот претставник на Сојузна Република Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин.
На средбата беше дискутирано за евроинтегративните процеси на нашата држава, актуелните внатрешно-политички случувања и постигнувањата во реформските области. Посебно внимание беше посветено на очекувањата од новото раководство на европските институции и нивната улога во засилување на политиката на проширување на Европската Унија во претстојниот период.
Муцунски изрази благодарност за личниот ангажман на специјалниот претставник Сарацин во динамизирањето на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан. Тој исто така ја нагласи континуираната и силна поддршка на Германија за европската иднина на државата и на земјите од регионот, посебно преку активностите во рамките на Берлинскиот процес.