Македонија
Без вода корисниците на улицата Костурски херои во Центар

Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека поради дефект на водоводна цевка со пречник 100 мм на булеварот Партизански одреди (пред Тутунска банка), денеска без водоснабдување од 9 часот до завршување на интервенцијата ќе останат корисниците од улицата Костурски херои до ТЦ „Буњаковец“ во општина Центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нова истрага за злоупотреби во РЕК Битола против осум физички и едно правно лице

Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осум физички и едно правно лице за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки во РЕК Битола.
Со предистражните дејствија кои по наредба на јавниот обвинител ги преземаше Управата за финансиска полиција во изминатите неколку месеци, се обезбедија докази кои даваат основано сомнение дека петмина осомничени – службени лица во РЕК Битола, односно тогашниот директор на комбинатот и четворица раководители и директори во ПЕ Рудници во РЕК Битола, во текот на 2023 година како соизвршители сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување според член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Сите тие не ја извршиле својата службена положба и овластување со намера на друг да му прибават корист, а да го оштетат комбинатот, односно спротивно на основниот рударски проект и на потребите на рудникот „Живојно“ организирале и реализирале јавна набавка за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во ПЕ Рудници – РЕК Битола. Притоа, свесно ги повредиле основните начела за економичност, ефикасност и ефективност од Законот за јавни набавки, иако знаеле дека за транспортот на јаглен во рудникот Живојно до местото за дробење и до ПК Брод-Гнеотино, не е предвидена метода со континуирана технологија (роторни багери и транспортни ленти), туку метода на дисконтинуирана технологија (булдожери, багери и камиони).
При дефинирањето на условите за јавната набавка тие ги повредиле начелата на сразмерност и конкурентност и овозможиле на една фирма, односно на осомниченото правно лице, да се јави како единствен понудувач и да склучи договор за јавната набавка, односно да се стекне со противправна имотна корист од големи размери.
Тројца од горенаведените раководители и директори во ПЕ Рудници и уште едно службено лице во РЕК Битола се осомничени и за продолжено кривично дело – Измама во службата, бидејќи при реализацијата на договорот, иако знаеле и биле свесни дека правното лице воопшто не ги извршило договорните обврски, потпишувале записници и извештаи за извршена работа, со кои потврдиле дека во периодот од 26.02.2024 до 17.07.2024 година комплетно е извршена демонтажа, транспорт и монтажа на погонските станици од РЕК Осломеј во РЕК Битола.
Правното лице, сопственикот/управител и уште едно лице вработено во компанијата се осомничени дека иако биле свесни дека работите не се извршени, доставувале фактури врз основа на кои од РЕК Битола незаконито наплатиле 106.200.000 денари со вклучен ДДВ, со што сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на постапката за јавен повик и јавно-приватно партнерство според член 275в од Кривичниот законик.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола денеска ќе достави предлог за определување мерка притвор за 2 лица, односно за сопственикот на фирмата и за еден раководител од ПЕ Рудници при РЕК Битола. За две раководни службени лица од ПЕ Рудници и за вработениот во компанијата ќе бидат предложени мерки на претпазливост – одземање на патна исправа и повремено јавување во Судот. Поранешниот директор на РЕК Битола веќе се наоѓа во притвор по друга постапка, а уште едно службено лице од РЕК Битола во друга постапка е веќе обезбедено со мерки на претпазливост кои ги почитува до овој момент.
Македонија
3.000 денари за секое новородено дете во општина Бутел, најави Костовски

Актуелниот градоначалник на општина Бутел и кандидат на претстојните локални избори од ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски најави 3.000 денари за секое новородено дете во Општината.
„Со задоволство најавувам дека за прв пат нашата општина ќе обезбеди надоместок за новороденче во висина од 3.000 денари.
Оваа поддршка е дел од нашата заложба за подобрување на условите за младите семејства во општина Бутел.
Ние не застануваме – инвестираме во инфраструктурата која ќе ја подобри иднината на секое дете.
Изградивме две градинки во Бутел 1 и Бутел 2, а во наредниот период ќе изградиме уште три нови градинки во Радишани, Визбегово и Бутел 1.
Нашата визија е јасна, создаваме услови за развој и иднина за секое семејство!“, вели Костовски.
Македонија
(Видео) „Избери време и место, избери и новинари, донеси и публика, излези да се соочиме, јас ќе дојдам сам“, му порача Максим Димитриевски на Филипче

Лидерот на Движењето ЗНАМ – за наша Македонија Максим Димитриевски денеска возврати на синоќешната изјава на лидерот на опозицијата Венко Филипче.
„Првиот соработник на министерот за смрт во владата на Груевски од позиција на самопрогласен лидер на СДСМ обвинува за соработка. Човек кој во себе нема никакви социјалдемократски вредности, бидејќи времето го поминува во луксуз, раскош на јахти и во скапи автомобили.
Во континуитет поддржан од неговиот политички гуру – Зоран Заев, не може да биде човек што ќе ја претствува социјалдемократијата. Истиот ниту знае со колкав имот располага, ниту може самиот становите да си ги преброи, па оставам на јавноста да процени дали тој е вистински социјалдемократ“, изјави Димитриевски.
За жал, рече тој, една некогаш државотворна партија каква што беше СДСМ денес се сведува под 100 илјади гласови и неа секојденвно ја напуштаат сите нејзини вистински членови и се придружуваат на ЗНАМ, бидејќи препознаваат дека нашето Движење е политичка партија која се создаде од обичните луѓе и ги држи крушевските и асномските идеали.
„Бидејќи колку што гледам, неговото време поминува, претежно во Дубаи, ќе треба да даде објаснување за многу отворени прашања. На пример, како се добива златна виза и дополнително за сите инвестиции со кои средства се прават и пласираат таму. Бидејќи за да добиеш таква виза првенствено треба да бидеш инвеститор. Како тоа еден човек, во овој случај со докторска плата поседува толкав имот“, потенцираше Димитриевски и дополни.
„Јас и денеска ќе повторам. Нека избере и време и место, нека избере новинари, дури и оние апологети што му се на платен список и нека се одважи да дојде на ТВ дуел пред лицето на јавноста да ги соочиме аргументите и фактите. Па да видиме кој е подизведувач. Ете Венко, одважи се и излези да се соочиме, верувам дека ќе смогнеш храброст, ако сакаш поведи и публика со себе. Јас ќе дојдам сам“.