Македонија
Без дозвола реконструиран, со употреба на несоодветни материјали: дискотеката во Кочани не ги исполнувала ниту минималните услови за угостителска дејност
Вчера се приведени 13 лица инволвирани во трагедијата во Кочани, потсети денеска на прес-конференција јавниот обвинител, Љупчо Коцевски.
Тој извести и дека денеска до Основниот суд во Кочани е поднесено обвинение против 34 физички и 3 правни лица за кривични дела поврзани со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Денеска, до Основниот суд во Кочани се поднесува обвинителен акт против 34 физички и 3 правни лица за кривични дела со кои предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од поголеми размери на место на кое се собрале поголем број луѓе, односно за пожарот при настапот на музичката група ДНК на 16 март, каде што животот го загубија 62 лица, 157 добија тешки повреди и 54 лица имаат повреди“, изјави Коцевски.
За полицајците се бараат мерки за обезбедување присуство бидејќи при акциската контрола дозволиле употреба на пиротехника.
Јавниот обвинител предложи кон осомничените да се определат соодветни мерки за забрана за напуштање на живеалиштето и да се јавуваат кај институциите за спроведување на законот, одземање на патните исправи и слично.
Обвинетите делото го сториле со свесно постапување, рече обвинителот, и дејствувале спротивно на прописите за заштита.
Палењето на пиротехниката не било пријавено во полиција.
Тој рече дека тие се гонат за тешки дела против општата сигурност.
Во деталите за случајот Коцевски рече дека објектот не ги исполнувал ниту минималните услови за угостителска дејност.
За објектот, меѓу другото, немало основен проект за реконструкција со пренамена со соодветна статика и сеизмика, електротехнички и термички елаборати, како и елаборат за заштита од пожари.
Не донеле и не изработиле план за заштита и спасување.
Наспроти ова, првообвинетиот, сопственикот на објектот, презел градежни дејства и реконструиал и вградувал несоодветни материјали, кои носат ризик од предизвикување пожар, објасни Коцевски.
Во објектот не бил испочитуван ниеден пропис во однос на квалитетот на вградените материјали, носивоста и стабилноста на конструктивните материјали, излезот и влезот, паркингот, средства за гаснење пожари.
Обвинет е и братот на сопственикот на објектот, кој продавал влезници за поголем број посетители од дозволеното и дозволувал влез на лица помлади од 18 години иако бил свесен за незаконските дејства, појасни Коцевски како дел од деталите.
Тој потенцира дека во дискотеката никогаш не бил спроведен инспекциски надзор.
Оцени дека секоја од алките во случајот со трагедијата во Кочани имала моќ да го спречи трагичниот настан, но никој не го сторил тоа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локален дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд. Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен денеска кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд. До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието. Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Делови од четири скопски општини денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности, општина Кисела Вода;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности, општина Карпош;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности, општина Бутел;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности, општина Центар.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.

