Македонија
Без струја делови на Пинтија, Бутел, Центар и Кисела Вода

Од „ЕВН Македонија“ АД информираат дека поради технички зафати во дистрибутивната електромрежа, без електрична енергија ќе останат дел од корисниците во населба Пинтија, Бутел, Центар и Кисела Вода.
Во периодот од 8:30 до 9:30 часот струја ќе немаат корисниците од дел од ул. 1520 во нас. Пинтија и корисниците од поголем дел од стопанските објекти приклучени на трафостаницата Пинтија 5.
Во периодот од 9 до 11:30 часот без струја ќе бидат корисниците од дел од улицата Хо Ши Мин (општина Бутел), од 11 до 12:30 часот корисниците од ул. Ганчо Хаџипанзов од број 10 до број 18 (општина Центар) и во периодот од 9 до 11 часот корисниците од улицата Саса бр. 18 и краците и подуличките во близина (општина Кисела Вода).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Оваа година и православните и католичките верници го слават Велигден на ист ден

Оваа година и православните и католичките верници го слават Велигден на ист ден – 20 април. Ваквото поклопување не се случува често, бидејќи источната и западната црква користат различни календари (јулијански и грегоријански), но годинава датумите се совпаѓаат.
Двата најважни празници во христијанството се Божиќ и Велигден, денот на раѓањето и денот на воскресението на Исус Христос. Датумот на Божиќ е утврден – тоа е 25 декември, и во јулијанскиот и во грегоријанскиот календар.
Велигден, пак, секоја година паѓа на различен датум, што многумина збунува. Иако секогаш се слави во недела, правилата за одредување на датумот на овој празник не се едноставни – тие вклучуваат астрономија, математика и вековна црковна традиција.
По годинашното совпаѓање, догодина православната и римокатоличката црква, повторно различно ќе го слават Велигден. Православните верници Воскресението Христово во 2026 година ќе го одбележат на 12 април, а католичките една недела порано на 5 април.
Последното славење на Велигден на ист ден беше во 2017 година, а следното ќе биде на 16 април 2028.
Македонија
Дел од улиците низ Скопје ќе бидат затворени заради верскиот празник Велигден

По повод верскиот празник „Воскресение Христово-Велигден” од попладне ќе биде воведен посебен сообраќаен режим на одредени сообраќајници во централното градско подрачје и во општините Ѓорче Петров и Аеродром.
Како што соопшти МВР, во периодот од 18 часот во центарот на Скопје по потреба за сообраќај ќе бидат затворени бул.„Партизански Одреди” од крстосницата со ул.„Франклин Рузвелт” до крстосницата со бул.„ВМРО”, бул.„Св.Климент Охридски” од крстосницата со бул.„Илинден” до крстосницата со ул.„Димитрие Чуповски” и ул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“ од крстосницата со ул.„9-ти Мај” до кружната крстосница со ул.„Св. Кирил и Методиј”.
На автобусите кои што минуваат преку мостот „Гоце Делчев” по потреба ќе им се менува трасата на движење при што истите ќе се движат по бул.„Илинден” и преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”, додека автобусите коишто минуваат преку центарот на градот ќе се движат по ул.„М.Т.Гологанов” па преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”. И во спротивна насока автобусите ќе ги користат истите сообраќајници.
Во општина Ѓорче Петров по потреба за сообраќај ќе се затвори ул.„Македонска Војска“ пред црквата „Свети Петар и Павле“ на потегот од крстосницата со бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“.
Во општина Аеродром по потреба за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон с. Лисиче.
По потреба за сообраќај ќе бидат затворени и други сообраќајници кои гравитираат околу верските објекти.
Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност

Времето денеска, сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Во крајните источни планински региони ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, поизразен долж Повардарието. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 18 до 26 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Во наредните денови следува период на топло време. Во недела ќе се задржи сончево со мала до умерена облачност, а од понеделник променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи.