Македонија
(Видео) Бектеши: Казни до 2.000 евра за трговците кои нема да обезбедат редари

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција информираше за уредбата во врска со задолжителното воведување на редарски служби во маркетите, пекарниците, продавниците и самопослугите за време на траењето на вонредната состојба.
Оваа уредба вчера на предлог на Министерството за економија беше усвоена на владината седница, а министерот по тој повод образложи дека сите трговци од денеска се должни да обезбедат редарска служба при влезот и во внатрешноста на објектот. Ова, како што рече Бектеши, е со цел да се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата пред и во објектот и да обезбеди спроведување на дезинфекција за раце при влез во објектот.
Според Уредбата, трговецот е должен да постави соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум потребното растојание од 2 метри при чекање ред на лицата пред и во објектот и тоа пред секоја каса за наплата и пред влезот на објектот.
„Доколку не се почитуваат одредбите од оваа Уредба следуваат глоби. За малите и микро трговци, коишто нема да воспостават ред и дисциплина пред нивните објекти е предвидена глоба од 500 до 1.000 евра, додека за средните и големи трговци кои што нема да ги почитуваат одредбите од оваа Уредба со законска сила предвидена е глоба од 1.000 до 2.000 евра“, потенцираше министерот.
Тој апелираше до трговците да се придржуваат до насоките и мерките на Владата, а до граѓаните кои што ќе утврдат неправилности да пријават на бесплатниот телефонски број 191 на Државниот пазарен инспекторат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Професорот Горан Марковски ќе се кандидира за градоначалник на Скопје

Професорот Горан Марковски, декан на Градежниот факултет, ќе биде независен кандидат за градоначалник на град Скопје, соопшти граѓанската платформа „Независни заедно“.
„Заедно да му дадеме шанса на градот, шанса да го водат стручни лица со храбро лидерство и визија за поубав град по мерка на човекот“, велат од платформата.
Кандидатурата на професорот е поддржана од граѓанската платформа „Независни“ заедно, составена од „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 389“.
Македонија
ДУИ нуди ветинг со меѓународен мониторинг: Нека се истражи имотот на секој политичар и на секоја политичка партија

ВМРО-ДПМНЕ е последната партија која има право да држи лекции за борбата против корупцијата, криминалот и политичките влијанија, затоа што денес, од позиција на власт, јасно демонстрира дека има само една цел: целосно да ја зароби државата, особено правосудството, велат од ДУИ.
Според нив, под водство на оваа влада, политиката отворено се меша во Обвинителството, Републичкиот судски совет и Советот на јавни обвинители, со класични политички сценарија за ставање на правдата под контрола.
ДУИ, додаваат од таму, не се плаши од независно правосудство ниту од транспарентност.
„Напротив, ние нудиме конкретно решение: ветинг со меѓународен мониторинг, за целосно чистење на политичката и јавната сцена од секое коруптивно влијание. Нека се истражи имотот на секој политичар и на секоја политичка партија. Нека се истражи најголемиот корупциски процес во државата – приватизацијата, која создаде недопирливи олигарси со монополи во клучни економски сектори, кои денес прават сè за да го блокираат европското интегрирање, од страв од фер конкуренција“.
ДУИ бара истрагата да се прошири и на институциите на државната безбедност и нивните вработени од 1945 година до денес, затоа што, како што велат, само така може да се затвори едно темно поглавје од минатото и да се изгради држава каде никој не е над законот.
„Тие што немаат што да кријат – го прифаќаат ветингот.
Времето на моноетнички проекти и етничка супериорност е завршено. Северна Македонија може да се гради само заедно, во духот на мултиетничноста и еднаквоста, а не под плаштот на „борба против корупцијата“ да се реализираат агенди кои ја поткопуваат државата и ја заробуваат за да спроведат моноетнички цели.
ДУИ останува цврсто определена да ја води државата напред кон европската интеграција, со чисти институции, со независно правосудство и со општество кое става крај на бескрајниот транзициски период“, истакнуваат од партијата на Ахмети.
Македонија
Во текот на изминатото деноноќие изгаснати 20 пожари во Македонија

Во текот на изминатото деноноќие, на ден 25/26.08.2025 година, на територијата на Македонија имаше вкупно 23 пожари на отворен простор, од кои еден е активен, два се под контрола, а изгаснати се 20 пожари, информира Центарот за управување со кризи.
Активен е пожарот во Општина Долнени во село Долгаец каде гори мешана шума.
Под контрола се пожарите во Јасен, каде гори мешана шума, и во Гевгелија, на планината Кожуф каде гори висока шума.
ИЗГАСНАТИ: 20
1. Општина Штип: с. Судик (стрниште);
2. Општина Дебар: с. Елевци (ниска вегетација);
3. Општина Куманово 1: нас. Гоце Делчев (ниска вегетација);
4. Општина Куманово 2: с. Бедиње (ниска вегетација);
5. Општина Теарце: с. Пршовце (ниска вегетација);
6. Општина Гостивар: с. Симница (ниска вегетација и ѓубре);
7. Општина Крушево: влезот на Крушево (депонија);
8. Општина Долнени: с. Гостиражни (ниска вегетација);
9. Општина Кривогаштани: с. Пашино Руфци (стрништа, ролни со слама);
10. Општина Охрид: ул. Железничка (ниска вегетација);
11. Општина Гази Баба: с. Идризово (ниска вегетација и стрниште);
12. Општина Битола: с. Велушина (сува трева и сено);
13. Општина Свети Николе: с. Бориловци (ниска вегетација);
14. Општина Кочани: с. Оризари (сува трева и гранки);
15. Општина Врапчиште: с. Топлица (ниска вегетација и ѓубре);
16. Општина Струга: с. Враништа (стрниште);
17. Општина Василево: с. Доброшинци (запалена депонија);
18. Општина Кочани: с. Оризари (стрниште);
19. Општина Чучер-Сандево: с. Горно Блаце (сува трева);
20. Општина Липково: с. Отља (сува трева).