Македонија
Белград би можел да обезбеди и дополнително сместување на повредените од Кочани, ако има потреба

Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград утринава изјави дека е достапна за евентуално дополнително сместување на повредените во пожарот во Кочани, доколку има потреба.
„И за оваа задача што ја извршивме сите мои колеги доброволно се пријавија, доброволно учествуваа во транспортот, кој е еден од најтешките видови транспорт на овие пациенти, па доколку има потреба, стоиме на располагање и тука сме повторно да им помогнеме на луѓето во Северна Македонија“, изјави потполковник Рондовиќ за РТС.
Тој додаде дека 30 пациенти повредени во пожарот се на лекување во Србија, од кои 12 се лекуваат во военото здравство, а другите во цивилниот здравствен систем.
„Станува збор за изгореници предизвикани од ефектите на висока топлина и повреди од вдишување, кои преовладуваат кај поголемиот дел од повредените во оваа трагедија бидејќи биле затворени во запалениот простор и изложени на висока топлина“, рече Рондовиќ.
Тој додаде дека е тешко да се предвиди времето на оздравување на пациентите, но дека нивното закрепнување, доколку нема компликации, може да се очекува најмалку за една-две недели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.