Македонија
Бесплатни телефонски линии за селектирање и собирање отпад
ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје во рамките на кампањата „Заштити го канализацискиот систем – биди одговорен, однесувај се совесно“ ги повикува граѓаните да го селектираат отпадот правилно.
„Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје често се сведоци на затната канализациска мрежа, а како причина за тоа е неправилно одложен отпад од домаќинствата, градежен шут, кабаст отпад и други предмети. Канализацискиот систем не е депонија. При неодговорно и несовесно одлагање на отпадот во системот за одведување урбани отпадни води се нарушува неговата функционалност и најчесто доаѓа до излевање на отпадните води, кои доколку не се пречистени и правилно третирани, штетно влијаат врз здравјето на луѓето и врз животната средина“, велат од скопски „Водовод“.
„Правилно одложувај го отпадот – селектирај го за да се рециклира и реупотреби. Доколку си далеку од контејнерите за селектиран стаклен отпад, повикај го тимот на ‘Пакомак’ на 072 26 66 26. Сортирај го кабастиот отпад и за негово отстранување повикај ги општинските служби или екипите на ЈП „Комунална хигиена“ на 0800 222 33“, апелира претпријатието.
За пријавување див водоводен приклучок, пак, и злоупотреба на канализацискиот систем функционираат следните линиии и имејл-адреси:
– 02 3073 010, дежурно-информативен центар;
– 02 3240 300, дирекција
– [email protected]
– www.vodovod-skopje.com.mk
– www.facebook.com/jpvodovod.skopje
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешен градоначалник на Росоман исплатил личен долг од 500.000 денари од општинскиот буџет
Полицијата поднесе кривична пријава против С.Н.(29) од Росоман поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според информациите на МВР, во периодот од август 2024 година до септември 2025 година, С.Н. во својство на градоначалник на општина Росоман, во два наврати ги пречекорил границите на службеното овластување и од Буџетот на општина Росоман противправно биле прибавени парични средства во вкупен износ од околу 500.000 денари, кои биле присилно наплатени од извршител за личен долг на С.Н..
Македонија
Гаши на работна средба во МАНУ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.
„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.
Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.
Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.
Македонија
Сиљановска -Давкова: Мајчиниот јазик е чувар на семејната и национална традиција
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, што традиционално го организира Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Во своето обраќање, претседателката нагласи дека мајчиниот јазик не е само инструмент за комуникација, туку и чувар на семејната и национална традиција, на духовното богатство и култура на еден народ. Таа посочи дека образованието на мајчин јазик има клучна улога во интелектуалниот и емоционалниот развој на поединецот, а почитувањето на јазичната разновидност значи почитување на културната различност.
Говорејќи дека јазикот е темел на идентитетот, чувар на колективната меморија во којашто се запишани искуствата на минатите генерации и стремежите на оние кои доаѓаат по нас, Сиљановска-Давкова истакна дека овој ден не е само повод за одбележување на важниoт јубилеј, туку и потсетник за одговорноста што ја носиме кон јазикот како културно наследство и моќно мировно оружје.
Таа потсети на заедничката обврска да го развиваме и унапредуваме македонскиот јазик не само во образованието и науката, туку и во културата, политиката, медиумите и економијата, создавајќи услови за негов развој во чекор со современиот дигитален свет.
Според неа, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ имаше и има особено важна улога во промоцијата и заштитата на стандардниот македонски јазик.
За претседателката јазичната разноликост, како карактеристика на нашата држава, е вредно јазично богатство. Почитувањето и негувањето на јазиците, според неа, ја јакнее културата на дијалог и толеранција и помага во градењето општество во кое различноста се доживува како сила што обединува.
Свечениот настан посветен на мајчиниот јазик, обедини претставници на академската заедница, државните институции и собра на едно место академици, професори и ученици, политичари, љубители на јазикот.
Посебна тежина и убавина на настанот му дадоа учениците од средните и основните училишта, кои рецитираа стихови од познати поети на своите мајчини јазици.

