Македонија
Бисера Костадиновска-Стојчевска: 80 години Битола го чува споменот за своите сограѓани Евреи
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска се обрати на комеморацијата по повод одбележувањето на 80-годишнината од холокаустот на македонските Евреи, што се одржа во Офицерскиот дом во Битола.
Во своето обраќање Костадиновска-Стојчевска истакна дека на 11 март битолчани секогаш ја наведнуваат главата од почит кон своите 3.350 жители, македонски Евреи, за никогаш да не се повтори.
„И денеска ќе бидеме дел од поворката на живите минувајќи го молкум патот што го врвеа оние што не се вратија. На пругата ќе оставиме каменчиња како симбол на вечно паметење и молитва за почит кон оние што неповратно беа одведени зашто драгите луѓе никогаш не ги погребуваме, нив ги испраќаме. Нека им е вечен споменот“, рече министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека Битола никогаш нема да го заборави тоа злокобно мартовско утро пред 80 години кога за последен пат 973 еврејски семејства го пречекорија прагот од своите домови. Истиот ден со 14 сточни вагони почнала депортацијата на битолските Евреи. Првата станица бил логорот кај Скопскиот монопол. Следната и последна – Треблинка.
„Денеска, не им судиме на злосторниците и на нивните слуги“, рече министерката за култура, „денеска го чуваме од заборав нивното злосторство за никогаш да не се повтори. Споменот за направеното злосторство е најголемиот кошмар за злосторниците и за нивните поколенија“.
„Ќе му оддадеме почит на доктор Хаим Абраванел, првиот лекар специјалист што Битола го памети како врвен професионалец и голем човек, човек што го подигна Здравствениот дом во Битола. Денеска ќе ѝ оддадеме почит и на храбрата Естреја Овадија, со партизанско име Мара. Загинала на неполни 22 години бранејќи ја својата Македонија од фашистичкиот окупатор. Прогласена е за народен херој. Естреја била една од стотиците македонски Евреи што им се приклучиле на партизанските одреди“, рече Костадиновска-Стојчевска.
„И покрај сите материјални сведоштва“, додаде Костадиновска-Стојчевска, „некои и по 8 децении го негираат холокаустот затоа ним и денеска, од антифашистичка Битола, ќе им порачаме – никогаш повеќе!“
По завршувањето на комеморативната програма, беше положено цвеќе пред Споменикот на жртвите на холокаустот од Битола – Здравствен дом „Хаим Абраванел“, од каде што тргна и поворката на живите, сè до железничката станица, по истиот пат од каде што беа депортирани битолските Евреи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Со милошевичко – орбанистички пристап, власта го загрози проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“
Од ВМРО-ДПМНЕ да не се прават на Тошо. Ако денес го признаваат хаосот во проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“, тогаш нека кажат и кој го создаде тој хаос. Муцунски, Орце Ѓорѓиевски и Љутков се на власт. Тие го заглавија проектот, го водеа спротивно на закони, без транспарентност, без консултации и без вклучување на културниот сектор. Денес сами признаваат дека бил блокиран, а од кого, од нив, велат од СДСМ.
Од партијата велат дека со нивниот милошевичко – орбанистички пристап кон невладиниот и независниот културен сектор, оваа власт не само што го загрозила кредибилитетот на проектот, туку ги срушила и неговите темели:- плурализам, уметничка слобода и европски стандарди.
„Видовме и која е нивната визија: Скопје престолнина на кичот. Затоа Љутков, наместо да го турка овој европски проект, откако е министер, само се жали дека СДСМ не го одржувала скапо платениот стиропор од Скопје 2014. Културната престолнина не е партиски плен за блиски фирми и „клиенти“, туку европски процес што треба да го води целата културна фела – уметници, институции, независна сцена, академска заедница. Затоа, должни се пред македонската јавност да одговорат: Кoja е нивната визија за проектот? Што точно образлагале во Брисел? Каква програма презентирале? Кои реформи ги гарантираат?“, велат од СДСМ.
Од опозицијата наведуваат дека досега се виделе само импровизации, затвореност, игнорирање на секторот и манипулации за дневнополитички потреби.
„Скопје ќе биде европска престолнина на културата само ако се врати духот на европските вредности: отвореност, транспарентност, професионализам и вистинска поддршка на уметниците. А тоа е невозможно со власт која ја става културата во кафез и ја води како партиски проект, без концепт и без одговорност“, сметаат од СДСМ.
Македонија
Мицкоски на Самитот на лидери во Тирана
Премиерот, Христијан Мицкоски, утре, петок, ќе присуствува на Самитот на лидери „Нашиот план до ЕУ“ кој ќе се одржи во Тирана, Република Албанија.
Предвидено е на панел дискусијата насловена „Исполнување на заеднички обврски, резултати и забрзување“ да се обрати премиерот Мицкоски.
Македонија
Мицкоски во Тирана на отворање на новите канцеларии на Македонското здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“
Денеска во Тирана во присуство на голем број Македонци од Албанија претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Владата Христијан Мицкоски, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоргија Сајкоски и претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска, на покана на Македонско здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“ присуствуваа на отворање на новата канцеларија на ова здружение.
Мицкоски во обраќањето пред присутните ја нагласи и можноста на Македонците во Албанија да имаат свој клуб, можност за здружување, можност слободно да работат на зачувување на својата култура, идентитет, јазик и традиција, можност што ја немаат Македонците во Пиринскиот дел на Бугарија.
„Македонците во Пиринскиот дел ја немаат оваа можност да се организираат, во 21 век се спречени да регистрираат невладино здружение, не можат да зборуваат слободно за својот македонски идентитет. Ние сме вредни, трпеливи и умни и ве уверувам дали сега или во периодот којшто следи, ќе дојдеме до таа цел“, посочи Мицкоски.
„Мене ми е драго што на сите овдека ни е јасен тој наш вековен автентичен македонски корен и наш вековен македонски идентитет. Како што можам да забележам македонскиот јазик се негува и се чува и тоа особено ме импресионира вечерва“, додаде тој.

