Македонија
Битиќи се правда за терањето партиска агенда во работно време: Имам еден час пауза
Денесшната посета на експремиерот Димитар Ковачевски и сѐ уште актуелниот вицепремиер за економси прашања, Фатмир Битиќи, на компанијата „Лапласт – М“, е дел од партиските активности на СДСМ. Вака Ковачевски објасни зошто се појавува на настани заедно со вицепремиерот во текот на работното време.
На прашањето во која улога е дојден во посета на компанијата Лапласт-М, Ковачевски одговори дека е дојден како претседател на СДСМ, исто како и другите претседатели на партии кои одат во посета на компании, општини.
Експремиерот појасни дека Битиќи во посета на компанијата е дојден како потпретседател на СДСМ, а не како вицепремиер за економски прашања.
„Битиќи е потпретседател на Влада и потпретседател на СДСМ. Тоа е успех за еден човек. Нормално е дека сакаме да ги посетиме компаниите коишто за прв пат имаа можност да добијат поддршка на инвестициите кои тие ги прават“, кажа Ковачевски.
Во однос на забелешката дека работното време во Владата на Битиќи е од 8 часот и 30 минути, а тој се појавува на партиски настан во 11 часот, Ковачевски рече: „Така де, тука му е работното време, да ги посети фирмите“.
За партиската посета на „Лапласт – М“ се оправда и вицепремиерот Битиќи.
„Кога е работното време има време за пауза и време за одмор. Денеска не знаете дали користам ден од одмор или користам време на пауза, која е вообичаено саат време во денот. Јас работам за граѓаните, ова се моите сограѓани“, се правдаше Битиќи.
Ковачевси по оставката од функцијата премиер, во јавноста продолжи да се појавува со речиси исто темпо како во периодот пред оставката, а посетите на кои го следат камери вели дека се дел од партиска агенда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсен врховен судија поради сомненија за примање поткуп
Врховниот судија Наке Георгиев е уапсен поради сомнеж за примање поткуп.
„Денеска 20 мај, лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради сомневања за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, велат од МВР.
Засега не е позната локацијата каде што е приведен судијата, ниту пак, за колкава сума станува збор.
Македонија
Сиљановска доби честитка од кралот Чарлс
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата. Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит.
Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.
„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.
Македонија
Сиљановска Давкова се сретна со украинската амбасадорка Дир
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
На средбата, беше изразено задоволство од традиционалните пријателски односи, засновани на заемна почит и меѓусебно разбирање. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, реафирмирајќи ја поддршката за Украина против руската агресија, со која се поткопува европската глобална безбедност и стабилност.
Двете соговорнички разменија мислења и за стратешките определби и перспективите на двете земји, истакнувајќи ја потребата од натамошна заемна помош, споделување искуства и експертиза. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи македонската поддршка за Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО.
Амбасадорката Дир, упатувајќи честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова ѝ посака успешно извршување на функцијата.