Македонија
Битола го празнува 4 Ноември
Со приемот на делегација од Сојузот на борците во кабинетот на градоначалничката Наташа Петровска, започнаа денешните активности по повод 4 Ноември, Денот на ослободувањето на градот. По оваа средба, чествувањето продолжи со положување на цвеќе пред споменикот на НОАВМ пред Центарот за култура во Битола, на која присуствуваа и делегациите на збратимените градови Епинал од Франција, Стари Град, Србија и Плевен, Бугарија, Сојуз на борци, претставници на локалната самоуправа, советниците од Советот на Општина Битола, претставници на политичките партии и невладини здруженија. За историскиот момент зборуваше претседателот на општинскиот Сојуз на борци, Александар Трајковски, а градоначалничката Петровска упати честитека до сите граѓани на Општина Битола и до присутните гости.
„Нека ни е честит 4 Ноември, празникот на градот, Денот на ослободувањето на Битола, ден на кој треба уште еднаш да се потсетиме дека денешницава е нашето време и дека токму со оставање трага во нашето време ќе продолжиме да го негуваме она што вложиле тие со своите животи. Сакам да истакнам особена благодарност до нашите збратимени градови кои дојдоа со свои делегации да одададат почит на овој празник, но и на нашите предци“, рече градоначалничката Наташа Петровска, по свеченото полагање на цвеќе пред споменикот на НОАВМ.
Во името на делегациите на збратимените градови се обрати градоначалникот на Плевен, Бугарија, кој покрај честитките за Денот на ослободувањето на Битола посака Македонија што поскоро да биде дел од европското семејство.
„На сите битолчани им посакувам градот да има добар развој, да имате успех и среќа и да одите напред. Бугарија ја поддржува Македонија во процесот за евроинтеграција, затоа што стабилна Македонија е најдобро решение за Балканот. Ако соседот е добар, тогаш сите сме добри, ако има проблеми кај соседот, ти не можеш да бидеш радосен. Многу е важно Македонија која не е од вчера во Европа, да биде член на семејството на европските народи“, истакна Ѓорѓи Спартански, градоначалник на Плевен, Бугарија.
Во зградата на Општина Битола, беше потпишана Повелба помеѓу Битола и Епинал, во чест на 50 години од збратимувањето на двата града. Градоначалникот на Епинал, Мишел Хајнриш, е осврна на деценискиот развој на ова пријателство, како дојде до чинот на збратимување, но и за придобивките на двата града од ваквата блискости низ 5 децениското другарување. Градоначалничката Наташа Петровска истакна дека соработката може уште повеќе да се продлабочува и заеднички да се чекори напред во посветла иднина и подобро утре за жителите на Битола и Епинал. На свеченоста симболично беа доделени подароци помеѓу збратимените градови.
Во чест на 4 Ноември, деновиве се одржаа голем број настани и активности, а празнувањето вечерва ќе кулминира со свечена седница во Народниот театар, каде ќе бидат доделени 4-то ноемвриските награди на годинешните лауреати. Во текот на утрешниот ден се предвидени уште два настани поврзани со одбележувањето на празникот на градот Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Велес е нормализиран во двете ленти
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес е нормализиран во две коловозни ленти, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)

