Македонија
Битола спогодбено ги раскина договорите за општински линиски превоз и за превоз на ученици

Општина Битола донесе одлука да ги раскине договорите за општински линиски превоз и за превоз на учениците со линискиот превоз. Согласно со одредбите од договорите, даден е отказен рок од три месеци, во кој период повторно ќе се организира повик за општинскиот линиски превоз, информираат од Општината.
„Постоечките договори за линиски превоз имаат член што овозможува која било страна, дали Општина Битола или самите превозници, во отказен рок од три месеци предвремено да ги раскинат договорите. Општина Битола во текот на вчерашниот ден пушти допис до сите превозници, со којшто почна периодот на предвремено раскинување на договорите. Во следниот период она на што работиме е подготовка на нов повик, кој ќе биде дефиниран со нови критериуми, кои ќе поминат на седница на совет. На тоа работи цела комисија во Општина Битола, се одржуваат и контакти со превозниците. По сите анализи, ќе се одредат критериумите во интерес на многу поорганизиран и подобар превоз во општина Битола“, изјави градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска.
Општина Битола, се додава во соопштението, останува на ставот дека ќе им ги рефундира средствата на учениците, по веќе одредените законски одредби.
„На учениците им беше кажано да ги чуваат билетите, а и на директорите им беше соопштено дека билетите им се потребни на учениците за да докажат дека користеле јавен превоз за да дојдат до образовните институции. Сè друго останува нешто што не може да се покрие согласно со законските одредби, така што би рекла дека не е точно дека учениците не беа информирани. Им беше кажано и на директорите, директорите им кажаа на учениците, а колку тие биле педантни во чувањето на билетите, не би можела да кажам. Меѓутоа, само така може да се изврши рефундирање, за да не бидат злоупотребени средства од буџетот на Општина Битола“, посочи Петровска.
На новинарско прашање каде се автобусите кои од ЈСП Скопје ѝ беа позајмени на Општина Битола, Петровска одговори дека тие автобуси беа позајмени со цел да се одговори на потребите во тој критичен период.
„По надминувањето на таа ситуација, ценевме дека истите нема потреба да престојуваат во нашата општина и да носиме одговорност за нив, па ги вративме по договор што го имавме при самото предавање на автобусите“, истакна Петровска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.