Македонија
Блок: Со договорот со Грција е отстранета последната формална пречка за членство во НАТО
Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и своите соработници, денеска се сретна со делегација на Кралството Холандија, предводена од министерот за надворешни работи, Стеф Блок, со кој разговараше за претстојниот референдум и реформските процеси во земјата за исполнување на евро-атлантските интеграции.
„Заев искажа благодарност за континуираната поддршка во градењето на нашата земја како европска и демократска и изрази уверување дека Владата останува фокусирана на обезбедување конкретни и одржливи резултати во правец на реформите во областа на судството, безбедносните служби, јавната администрација, слободата на говорот и обезбедување на подобрување на условите на медиумите, за функционирање на независни медиуми, како и продолжување на напорите за интензивирање на борбата против корупцијата“, соопштија од Владата по средбата.
Блок оценил дека со договорот со Грција е отстранета последната формална пречка за почеток на пристапните разговори за членство на Македонија во НАТО, со што двете земји го зацврстиле патот на пријателството и за зголемена соработка за доброто на граѓаните.
„Двајцата соговорници се согласија дека почитувањето и практицирањето на политиката на добрососедски односи и соработка ја подобрува и сликата на целиот регион и отвора можност за просперитет на сите земји од Западен Балкан. На состанокот се разговараше и за подобрување на билатералната соработка помеѓу Холандија и Македонија која веќе се одвива во рамките на неколку проекти. Беше заклучено дека исполнувањето на условите на Македонија за влез во НАТО и пристапувањето во европската заедница ќе даде дополнителен импулс за стопанскиот развој и ќе испрати порака до инвеститорите дека е земја интересна за бизнис-перспектива“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Албанската опозиција денес наликува на стар шатор што се кине штом ќе задува ветер“, велат од „Влен“
„Албанската опозиција денес наликува на стар шатор што се кине штом ќе задува ветер. Она за што ВЛЕН предупредуваше долго време, денес стана реалност. Селотејп коалицијата наречена НАИ е најголемата политичка измама во последните години. Последователните заминувања и внатрешниот хаос јасно покажуваат дека овој проект не е изграден за Албанците, туку за лични амбиции спакувани со ПР трикот на „референдумот“ за фрлање пепел во очите на Албанците“, велат од „Влен“.
„НАИ не функционираше ниту еден ден како сериозна опозиција. Денес се распаѓа во очите на јавноста, камен по камен, бројка по бројка. Заминувањето на Мендух Тачи, заминувањето на Арјанит Хоџа, Кренар Љога и напуштањето на Зијадин Села се само симптоми на структура изградена врз интересите на поединците, а не врз интересите на граѓаните.
ВЛЕН не се радува кога другите се уништуваат, но е јасно дека опозицијата што се распаѓа на парчиња му штети на политичкиот систем и ги остава граѓаните без алтернатива. Албанците заслужуваат сериозност, а не неуспешни експерименти со селотејп“, соопштуваат од „Влен“.
Македонија
Дел од Кисела Вода денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 10.00 до 13.00 часот, корисниците од улиците Михаил и Ефтихиј и Георги Димитров. (општина Кисела Вода)
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), со услови за невреме со појава на грмежи и силен ветер. Во текот на денот ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 12, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје, променливо облачно, во делови од котлината со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Во деновите од викендот ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Во сабота наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), локално со услови за невреме со силен ветер и појава на грмежи. Во недела поради продор на постудена воздушна маса на повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Во понеделник и вторник ќе има стабилизирање на времето, а утринската температура значително ќе опадне.

